Фото: Игор Бансколиев
„Нова Македонија“ контактираше директори на неколку основни и средни училишта низ земјава. Тие официјално не сакаа да ја коментираа состојбата меѓу СОНК и Министерството за образование и наука
Иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера апелираше до директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование, денеска училишните клупи останаа празни. Штрајкот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) влезе во третата недела.
 
„Нова Македонија“ контактираше директори на неколку основни и средни училишта низ земјава. Тие официјално не сакаа да ја коментираа состојбата меѓу СОНК и Министерството за образование и наука. Велат дека чекаат официјални дописи по кои можат да постапуваат.
Директор во скопско средно училиште посочи дека училиштата се отворени, дека професорите кои не штрајкуваат држат настава, но оти немаат право да постапуваат на своја рака и да го кршат правото на штрајк на останатите колеги.
– Министерот Шаќири се обрати на Фејбук, но ние официјално немаме добиено никаков допис – кусо додаде тој.
 
Министерот Шаќири на неговиот Фејсбук-профил вчеравечер покрај повикот до наставниците да ги отворат училиштата за редовна настава, ги повика и родителите/старателите на учениците да продолжат да ги пуштаат/носат своите деца на училиште.
– Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања. Сите имаме одговорност-заклучи министерот за образование и наука.
 
Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, вчера откако објави дека членството не го прифатило предлогот за зголемување на платите од 12 проценти, изјави дека Синдикатот во знак на незадоволство од резултатите на преговорите одлучил да организира голем масовен протест пред Владата в среда на 4 мај 2022 година.
 
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април.
 
СОНК веќе втор пат одбива владин предлог за зголемување на платите.
 
Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, а потоа на 12 отсто, но СОНК бара покачување од 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата.