Министерката за одбрана Славјанка Петровска и чешкиот амбасадор Јарослав Лудва денеска во Министерството потпишаа Рамковна спогодба со која прв пат во македонската историја системски се решаваат предизвиците со навремена набавка на резервни делови, поправка на делови и снабдување со потрошен материјал за потребите на транспортните хеликоптери Ми-8/17, хеликоптерите Бел 206 и авионите Злин 242Л.
Од МО соопштија дека Рамковната спогодба е во вредност од пет милиони евра, а договорот е активен во следните пет години, односно до воведувањето во употреба на новите хеликоптерски платформи кои се планирани за набавка согласно Планот за модернизација на Армијата.
По потпишувањето на Договорот, изготвен по принципот Влада-со-Влада што ги иззема сите можности за каква било корупција во овој процес, министерката Петровска посочила дека овој ден е еден од најсветлите денови за македонското воено воздухопловство имајќи предвид дека тој овозможува навремена и брза испорака на какви било делови потребни за целосна функционалност на воздухопловите на Армијата на Република Македонија.
– Военото воздухопловство се соочуваше со системски недостатоци во набавката и одржувањето на хеликоптерите и авионите, нешто што денеска се решава со Рамковен договор кој значи потполна функционалност на хеликоптерите и авионите во рамките на Армијата, сè до набавката и ставањето во употреба на новите хеликоптери за кои очекувам набрзо да се донесе и одлука – рекла министерката на средбата.
Петровска изразила задоволство од досегашната соработка со Чешката Република и со Воздухопловно-ремонтниот завод „ЛОМ-Прага“, кои во моментов вршат ремонт на два армиски транспортни хеликоптери.
ВО соопштението се наведува дека чешкиот амбасадор Лудва се заблагодарил за одличната одбранбена соработка, чиј резултат е овој договор и порача дека „ЛОМ-Прага“ е ремонтен центар кој функционира согласно највисоките стандарди на Алијансата.
– „ЛОМ-Прага“ е компанија во чешка државна сопственост, во земја – членка на Алијансата што сериозно го олеснува процесот на проверка на квалитетот и ја гарантира валидноста на резервните делови. Оваа компанија по направената анализа од стручниот кадар во Министерството и во Генералштабот е издвоена како најсоодветна компанија за ваков вид на услуги. Министерството за одбрана има исклучително позитивни искуства во соработката со оваа компанија, особено во однос на ремонтот на два армиски транспортни хеликоптери кои треба да бидат вратени во земјата во првата половина на 2024 година – се појаснува во соопштението од Министерството за одбрана.