Министерството за правда во пет наврати испратило допис, по писмен и по електронски пат, во врска со новиот Предлог-закон за амнестија до сите координатори на пратеничките групи, како и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, барајќи да се изјаснат за него.
– Министерството за правда неколку пати испрати дописи до координаторите на политичките партии во Собрание на Република Северна Македонија за да се изјаснат за новиот Предлог-закон за амнестија. Барањата се испратени по писмен и електронски пат на 18 и 20 јули, на 24 август и на 11 и 13 септември. Со предлог-законот преку писмен допис е запознат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – вели во објава на Фејсбук министерот за правда Кренар Лога.
Од нив e побарано во најкус можен рок да го разгледаат и да се изјаснат за законското решение, давајќи свои забелешки и сугестии.
– Укажуваме дека состојбата во затворите е алармантна за што посочуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа – информира министерот за правда.
Тој појаснува дека со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до шест месеци, и оние осудените над шест месеци, кои треба да се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
– Ги замолуваме сите политички партии да го поддржат овој хуманитарен чин кој е од интерес за граѓаните и да го изгласаат ова законско решение – апелираат од Министерството за правда.