Фото: „Форма Куманово“/МИА

Припадниците на безбедносните сили кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 добија мурал во центарот на Куманово, „Хероите живеат вечно“ спроти МКЦ „Козјак“. Муралот го изработија членовите на здружението „Форма Куманово“.

– На наша и на иницијатива на припадниците на специјалната антитерористичка единица „Тигар“ го изработивме муралот за да им оддадеме почит на припадниците на безбедносните сили. Изработката е поддржана од фирми од Куманово и лично од министерот, Оливер Спасовски –  изјави Младен Трендевски од здружението „Форма Куманово“.

Муралот ја претставува акцијата на припадниците на безбедносните сили во кумановско „Диво Насеље“, забележително е македонското знаме.

Здружението „Форма Куманово“ досега работеше на повеќе проекти, исцртување мурали и графити низ целиот град. Според проценките во Куманово има над 500-тина мурали и графити.

Слободните уметници од здружението од Куманово велат дека за разлика од претходните години, кумановската јавност има високо мислење за овој вид уметност. Муралите во Куманово ги има на повеќе локации, уметниците првин твореа на училишните згради „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, долж „Октомвриска револуција“. Уметниците од здружението особено внимание привлекоа со муралот на Блаже Конески, на голманот Столе Димитриевски, великанот Гоце Делчев и сега со муралот „Хероите живеат вечно“.