Почна тет-а-тет средбата на премиерот Димитар Ковачевски со папата Франциск во Ватикан. Средбата се реализира во рамките на официјалната и работна посета на делегацијата на Македонија во Ватикан и Рим, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.
По средбата, предвидена е и аудиенцијата кај папата Франциск, на која заедно со Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевски, како и членовите на делегацијата министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Во делегацијата се и Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква.
Подоцна во текот на денот, Ковачевски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе имаат средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.
Како дел од работната посета, премиерот Ковачевски денеска ќе се сретне и со премиерот на Бугарија Кирил Петков.
Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска делегацијата на Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија.