Фото: Влада

Бугарија се однесува кон Македонија исто како Русија кон Украина. Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски на четвртиот Самит на Советот на Европа во Рејкјавик и додаде дека обвинувањата од Бугарија за непочитување на човековите права во Македонија се неосновани, пренесува Макфакс.

-Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели, особено во овој клучен период за иднината на Европа. Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество каде се почитуваат сите права, а и сите извештаи го потврдуваат тоа – рече Ковачевски.

Според него, обвинувањата наведени на овој Самит од страна на претставникот на Бугарија се целосно неосновани и доаѓаат од земја која што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

-Македонија и Албанија се движат напред и не смее да се дозволи влијание од надвор, посебно не од Русија во срцето на Балканот – додаде Ковачевски.

Претходно, бугарската потпретседателка Илијана Јотова, на трибина за човековите права во рамките на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, како што јави бугарската агенција БТА, „ги запознала учесниците на тркалезната маса со систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.

-Не може да се гарантираат човековите права само во документи. Секој обид за нивно прекршување мора да биде пречекан со цврст став и силна акција – рече Јотова на тркалезната маса „Спротивставување на новите предизвици за човековите права – иднината е веќе тука“.

Таа, според бугарските медиуми, предупредувала дека има опасна тенденција за поткопување на почитувањето на човековите права.

-Се повеќе политичари си дозволуваат да зборуваат за човековите права како застарена или луксузна политика. Затоа, мора да бидеме особено внимателни кога се соочуваме со нетрпеливост, непочитување на етничките права и дискриминација – ја цитира БТА бугарската потпретседателка.

Официјална Софија веќе подолг период го блокира членството на Скопје во Европската унија со обвинување за непочитување на Договорот за добрососедство и за непочитувања на правата на Бугарите во Македонија, а спори и за идентитетот и јазикот на Македонците. Од Бугарија последните денови доаѓаат предупредувања дека е можно и ново вето за Македонија, откако на бугарскиот европратеник Андреј Kовачев и групата бугарските државјани кои биле со него, не му бил дозволен влез во земјава.