Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата. Беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемилошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај, соопшти Министерството за здравство.
Во меѓувреме Институтот за јавно здравје треба да го провери примерокот за тестирање на сомнителен случај на мајмунски сипаници. Пациентот е од Кичево, во добра здравствена состојба и нема потреба од хоспитализација, соопшти претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски.
-Пациентот е лоциран. Контактиран е од надлежниот епидемиолог во Битола и првичната епидемиолошка анкета е завршена. Имаме достапни тестови и во ИЈЗ треба да имаме одговор дали се работи за мајмунски сипаници, изјави за Сител, Петличковски.
Пациентот од Кичево пред неколку дена добил осип на телото, што е еден од симптомите на мајмунски сипаници.