Зошто третпат е одложен изборот на нови членови на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Членовите на Советот на јавни обвинители, по двата неуспешни обиди да изберат нови обвинители, пред некој ден побарале уште време за да ја анализираат досегашната работа на шесте пријавени кандидати за четирите испразнети места во Обвинителството. Имено, по поведувањето дисциплинска постапка против досегашната шефица на ова обвинителство, Вилма Русковска, поради спорот со сега веќе поранешниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, во тек е и конкурс за нејзин наследник. Но, истовремено, и шефот на Русковска, главниот државен обвинител Љубомир Јовески, деновиве е засегнат со одбрана на својата кандидатура за член на Уставниот суд. За упатените, тоа се елементи што ги дефокусираат ангажманите за ефикасно гонење на организираниот криминал и корупција
Откога Советот на јавни обвинители и третпат ја одложи седницата за избор на нови членови на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а изборот за негов прв човек треба да се одржи за повеќе од еден месец, дури на 31 октомври, во јавноста сѐ пооправдано се поставуваа прашањето што се случува во меѓувреме со борбата против појавата, која и од актуелната и од сите претходни влади беше посочувана како една од најприоритетните, а од голем број релевантни меѓународни фактори, како една од најголемите слабости на државата.
Јовески: Од залагања да преминеме на конкретни дела
Имено, членовите на Советот на јавни обвинители, по двата неуспешни обиди да изберат нови обвинители, пред некој ден побарале уште време за да ја анализираат досегашната работа на шесте пријавени кандидати за четирите испразнети места во Обвинителството. Имено, по поведувањето дисциплинска постапка против досегашната шефица на ова обвинителство, Вилма Русковска, поради спорот со сега веќе поранешниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, во тек е и конкурс за нејзин наследник. Но, истовремено, и шефот на Русковска, главниот државен обвинител Љубомир Јовески, деновиве е засегнат со одбрана на својата кандидатура за член на Уставниот суд. За упатените, тоа се елементи што ги дефокусираат ангажманите за ефикасно гонење на организираниот криминал и корупција, особено кога се имаат предвид сите претходно детектирани слабости на оваа институција. Тоа, делумно го потврдуваат и најповиканите.
– Потенцијалниот судир на интереси и коруптивните влијанија сериозно го поткопуваат интегритетот и ја разнишуваат и онака кревката доверба во нашите институции. Процените дека само осум проценти од граѓаните или можеби уште помалку имаат доверба во правосудните институции ни покажува дека времето за градење стратегии и декларативни заложби е одамна одминато. Имаме итна и неодложна обврска во борбата против корупцијата од залагања да преминеме на конкретни дела – изјави пред некој ден главниот обвинител Јовески.
Недоволни материјални и кадровски ресурси, отсуство на автоматизиран систем за распределба на предметите и нивно следење во Јавното обвинителство…
Дека во Обвинителството, генерално, има многу проблеми констатираа и во Државната комисија за спречување корупција, во својот годишен извештај за спроведување на мерките од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси предвидени за реализација во 2021 година.
– Недоволни материјални и кадровски ресурси, отсуство на автоматизиран систем за распределба на предметите и нивно следење во Јавното обвинителство и недоволна транспарентност во работата на Советот на јавните обвинители – е само една од забелешките на комисијата во однос на овој проблем, при што се додава и оти, наспроти сите проблеми, таму имало и зголемување на платите.
Министерството за финансии ја информирало комисијата дека со буџетот за 2022 година се предвидени 435.140.000 денари за плати во Јавното обвинителство, што претставува зголемување за околу 10,3 проценти во однос на 2021 година, а во рамките на планираните средства за 2022 година е предвидено зголемување на платите за уште 15 проценти. Освен тоа, според истата информација, обезбедени се буџетски средства и за функционирање на неколку истражни центри во Обвинителството.
Програма и акционен план за длабоки и системски реформи
Вреди да се потсети и на други неодамнешни анализи на состојбата во Обвинителството, според кои, резултатите што ги постигнува тоа се далеку од посакуваните. Па така, според нив, доколку се направи споредба со другите држави од регионот или, пак, со државите-членки на Советот на Европа, може да заклучиме дека и покрај воочениот тренд на намалување на бројот на јавните обвинители, оптовареноста со предмети по јавен обвинител во нашата држава е многу ниска во споредба со европскиот просек и во споредба со состојбата во развиените европски држави.
Тоа беше проследено со посмели коментари на познавачи на работата во Обвинителството дека „проблемот на Обвинителството не е во ресурсите, туку во неработењето“. Имаше и констатации оти „обвинителите само чекаат полицијата да им ја заврши работата со што Обвинителството свесно се става во подредена положба во однос на полицијата, а со тоа и на извршната власт“. За тоа, впрочем, и Судскиот совет даде своја потврда. Имено, и во неодамна објавената „Програма и акционен план за превенција и следење на корупцијата во судството 2022 – 2025“ на Судскиот совет се констатирани идентични појави и проблеми.
– Јавните обвинители, навидум исполнувајќи ја својата обврска, свесно поднесуваат обвиненија, за кои гледано од стручна страна, нема можност да се донесат осудителни пресуди – се вели во програмата.
Затоа, повеќето од упатените се согласни дека вака како што е поставеното, и како што во моментов стојат работите во Обвинителството, тешко е да се очекува некаква позначителна ефикасност во борбата против криминалот и корупцијата, а особено со криминалот и корупцијата на највисокото ниво. Д.М.М.