Меѓународното право не признава откажување на народите од своите малцинства

Иритантно е премолчувањето на нашите предизвици и проблеми што како народ и држава ги имаме со непризнавањето и непочитувањето на правата на нашето малцинство во соседството. Во споредба со гласноста на другите државни лидери, кои на говорницата на ОН без никаква задршка го истакнуваат незадоволството од непочитувањето и непримената на меѓународното право во однос на нивните земји, ние како да се засрамивме уште еднаш пред светот да истакнеме дека имаме дел од својот народ и зад границите на нашата држава што не е признаен како наше македонско малцинство

Обраќањето на лидерите на годишното Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк ја има тежината на порака упатена кон целиот свет за позициите на една држава-членка на ОН спрема актуелните глобални предизвици, но и да му се соопштат на светот предизвиците со кои се соочува државата со примената и почитувањето на принципите на оваа врвна меѓународна организација и на меѓународното право во однос на неа.

Оваа година, македонската делегација на Генералното собрание во ОН ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, кој имаше обраќање на отворањето на состанокот, по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации. Говорејќи за Македонија како „пример за функционална мултиетничка држава и фактор на стабилност на Западен Балкан, што најмногу се должи на концептот ’Едно општество за сите’, кон кој се стремиме и го спроведуваме без предрасуди“, во обраќањето на македонскиот премиер меѓународноправните експерти не забележаа ниту еден збор што навестува постоење на македонско малцинство во соседството (особено кај соседните земји-членки на ЕУ) и негова поврзаност и грижа од македонската држава. Отсуството на темата за предизвиците на македонското малцинство во обраќањето на премиерот пред најголемиот меѓународен форум во ОН, каде што Декларацијата за правата на малцинствата е еден од клучните документи, предизвика резигнирана реакција од ОМО „Илинден – Пирин“, организација на Македонците во пиринскиот дел на Бугарија.
– Премиерот Ковачевски зборуваше во ООН за правата на малцинствата и, се разбира, не кажа збор за македонските малцинства во Бугарија и во Грција. Најтажното не е дека еден македонски премиер во својот говор за правата на малцинствата не ги спомна македонските малцинства во Бугарија и во Грција, несомнено меѓу најонеправданите малцинства на Балканот, туку дека никој од нас не очекуваше да нѐ спомне! Може ли да има понесреќни малцинства од оние што истовремено живеат во држави што ги негираат, дискриминираат и асимилираат и припаѓаат на нации чии држави ни уста за нив не отвораат, не па да ги заштитат? Како да живееме во народна приказна – несакани од мајка, мразени од маќеа. Двојно несакани – двојно сами. По толку борби на македонскиот народ за своја држава, имаме држава што не ги третира сите делови од македонскиот народ како свои – реагираат од ОМО „Илинден –Пирин“.

Игнорирањето на прашањето на македонското малцинство на Генералното собрание на ОН, и тоа од страна на официјалните претставници на Македонија, и во македонската јавност е оценето како лош континуитет на трендот на актуелната надворешна политика на државата еднонасочно и беспоговорно упатена на исполнување на непринципиелните услови што ѝ се наметнати за започнување на преговорите за членство во Унијата. Самата ЕУ и меѓународната заедница сметаат дека со игнорирање на парадоксот за примена на двојни стандарди за малцинствата во Македонија и третманот на македонското малцинство кај нејзините земји-членки ќе го задржат привидот за сопствената принципиелност и почитување на демократските вредности.

Премолчувањето на предизвикот што го има Македонија со признавањето и почитувањето на правата на нејзиното малцинство во соседство уште повеќе е иритантно во споредба со гласноста на другите државни лидери, кои на говорницата на ОН без никаква задршка го истакнуваат незадоволството од непочитувањето и непримената на меѓународното право во однос на нивните земји, во одредени ситуации.

Кога станува збор за почитувањето на човековите права на македонското малцинство во соседните земји, експертите од областа на меѓународното право сметаат дека Македонија е доведена во парадоксална ситуација да ги прекршува меѓународните закони и стандарди на оваа тема со откажување од грижата за своето малцинство.
– Постојат меѓународни тела за следење, анализа и евидентирање на состојбите на малцинствата во државите. Тие тела работат според закони и со механизми за утврдување на состојбите со правата на малцинствата, кои се национални, но и наднационални. Нашата држава, Македонија, во однос на правата на малцинствата треба да се однесува во согласност со меѓународните закони на таа тема, но мора своите сознанија и ставови да ги темели на процените што веќе се направени наднационално. Кога станува збор за правата на македонското малцинство во соседство кај земји-членки на ЕУ, отворена е дилемата дали Македонија при потпишувањето на билатералните договори (Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија) воопшто се има консултирано со овие меѓународни тела и механизми за прашањата на малцинствата, или се има согласено на паушални заклучоци и одредби, кои се косат со меѓународните документи на оваа тема и, во крајна линија, на меѓународното право. Македонија всушност е ставена во позиција да ги прекршува меѓународните стандарди за правата на малцинствата откажувајќи се од грижата за македонското малцинство во соседните држави. Со тоа всушност се прави преседан, кој ќе биде искористен од оние земји „лоши ученици“ што ги прекршуваат малцинските права. Доведени сме во апсурдна ситуација: во државните граници на Македонија се почитуваат максимално сите меѓународни стандарди за правата на малцинствата, но надвор од границите на македонската држава божем не постојат меѓународното право и човекови права за македонското малцинство – вели Ида Мантон, професорка за меѓународно преговарање и медијација.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски смета дека избегнувањето да се спомене македонското малцинство на форум во Обединетите нации посветен на правата на малцинствата говори за немање чувство на официјалните македонски претставници за заедништво, национална припадност и, конечно, заштита на правата на оние на кои им се ускратени.
– Обврската за негување и заштита на македонскиот идентитет и неговите културни и национални обележја е на македонската држава. Конечно, Македонија е матицата на Македонците низ целиот свет, како и на оние во соседството, кои се малцинство во тие држави. Свесни сме дека прашањето на македонското малцинство во соседните земји членки на ЕУ е дел од клучните причини за сите премрежиња на Македонија во нејзината интеграција на меѓународен план, но секогаш постои начин таквите прашања суптилно, барем во една реченица да се споменат на меѓународни форуми и да се остави барем белег за заинтересираност и грижа за правата на своите сонародници надвор од матичната земја – вели Ивица Боцевски.