Фото: МИА

Непознати сторители пред неколку дена го вандализирале споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје. Со спреј во неколку бои исчкртан е постаментот на споменикот и плочникот пред него.

Некоја недела претходно биле украдени бистите на Никола Вапцаров и Коле Неделковски од Градскиот парк, а исчезнала и спомен бистата на Невена Ѓорѓиева-Дуња од училиштен двор во Кисела Вода.

И не само што се кршат, спомениците во многу градови во земјава честопати се шараат, се уништуваат и се крадат бисти на познати борци од НОБ.
За жал, многу од сторителите поминуваат неказнето.
На прашањето за тоа како да се заштитат спомениците, надлежните велат дека треба да има навремено пронаоѓање и казнување за сторителите.

Граѓани, пак, коментираат дека не може да се дозволува секојдневно уништување на спомениците и на друг вид државен имот, а никој да не сноси одговорност за тоа.

Од Министерството за внатрешни работи вчера посочија дека СВР Скопје презема мерки за расчистување на последниот случај со вандализирање на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк.

Од општината Кисела Вода велат дека досега неколку пати се регистрирани вакви криминални активности.

-Во самото ООУ „Невена Георгиева Дуња” бистата се краде по вторпат. Првиот пат беше пред десетина години. Во 2016 година, од дворот на училиштето беше украдена и бистата на Кузман Јосифовски Питу. Во неколку наврати е оштетена и спомен плочата на Александар Сергеевич Пушкин во истоимениот парк – велат оттаму.

Останатата работа ја оставаат на надлежните во Министерството за внатрешни работи.

-Сепак, околу можните мотиви може само да претпоставуваме, но најдобро е да не шпекулираме и да оставиме нив да ги утврдат истражните органи – додаваат оттаму.

Општината размислува за повторна изградба на бистите, но од материјал кој од финансиска гледна точка не би бил атрактивен за крадците.

Од градот Скопје, пак, посочуват дека јавните споменици, објекти и простори во континуитет вандалски се оштетуваат со што се нанесува сериозна штета.

-Спомениците и спомен обележјата се редовна мета на вандализам, а градските јавни претпријатија спроведуваат акции за чистење и санација. Конкретно за споменикот на Гоце Делчев, екипите на Комунална хигиена експедитивно излегоа на терен и ја санираа штетата на споменикот и околниот простор. Сите овие случаи се пријавуваат до Министерството за внатрешни работи со барање за соодветна разрешница и казнивост-велат оттаму.

Град Скопје апелира да запре вандализмот и апелира граѓаните со почит да се однесуваат кон спомениците на националните херои.

-Воедно апелираме и до Министертвото за внатрешни работи да ги интезивираат контролите на местата каде се детектирани рецидиви во вандалските чинови и согласно надлежностите да можат да ги превенираат и санкционираат овие прекршоци – заклучувааат надлежните од градот.