Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Без сериозна поддршка од високо позиционирани политички фигури случајот со Онкологија е невозможно да се изведе –  изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Не може мене никој да ме убеди дека на неколку медицински работници и криминални директори им текнало, на маката на болните од рак, наместо да го добијат медицинскиот третман, да ги препродаваат тие лекарства, да ги шверцуваат и на тој начин да заработуваат. Не се само тие неколкумина, без озбилна поддршка од високо позиционирани политички фигури ова е невозможно да се изведе – вели Мицкоски.

Наместо да се развлекува, додава Мицкоски, истрагата би требало да трае 24 часа, а сторителите веднаш да бидат изведени пред лицето на правдата.

-Кога јас би го презел случајот, истрагата би траела 24 часа и наместо да се развлекува истрагата би ја скратил и сите оние кои се сторители на ова монструозно кривично дело веднаш би ги извел пред лицето на правдата, а од името на истражните органи, над кои што државата има ингеренции, би инсистирал за драконски казни, но се разбира дека последно е на судовите – рече Мицкоски.

На новинарско прашање за проблемите во образованието, Мицкоски рече дека како човек којшто е дел од образовниот процес може да констатира дека генерации млади луѓе се „осакатени“ поради тоа што, како што нагласи, власта сака преку злоупотреба на тендери и наместени тендери да се богати и тоа е причината зошто доцнат учебниците.

Мицкоски исто така додаде дека во оваа ситуација се поставува прашањето што правеше цела една година Министерството за образование и наука за да на 1-ви септември им текне дека учебниците не се испечатени.

-Можам да констатирам дека само криминал и неспособност е во позадина на она што веќе неколку години по ред ни се случува откако е владата на ДУИ и СДСМ – изјави Мицкоски.