Фото: З.А.

Вовчето Ќирчо, поставено пред влезот на железничката станица во Кичево, во текот на наредниот период целосно ќе се ревитализира и ќе се заштити од атмосферски влијанија и неповикани гости од градот, кои во континуитет ја оштетуваат оваа композиција, составена од локомотива и три вагони. Активноста за реализацијата на овој проект ќе ја преземе музејот „Западна Македонија во НОВ“ под чија закрила е и оваа мала композиција.

-Вовчето, поставено пред железничката станица во Кичево пред половина век, во текот на наредниот период целосно ќе се ревитализира со средства од Министарството за култура, а реализатор на овој проект ќе биде музејот „Западна Македонија во НОВ“. Со претстојниот зафат ќе бидат целосно префарбани сите вагони и локомотивата за да се спречи натамошното оштетување на композицијата од забот на времето. Локомотивата ќе се заштити од ‘рѓосување, додека вагоните од трулење – истакна Гоце Вељаноски, кустос во кичевскиот музеј.

Toj напомна дека најпрво оваа композиција била поставена непосредно пред влезот на железничката станица, за пред дваесетина години да се постави на средината од тротоарот на главниот булевар со поглед кон градот и се добива впечаток како секој момент вовчето ќе се упати кон плоштадот.

Инаку вовчето Ќирчо на теснолинејката Кичево-Охрид сообраќаше од почетокот на 1922 година, повеќе од 40 години, за во 1966 година за последен пат да ја измине оваа делница, а по пет години од овој настан беше отворена и новата железничка станица и изградена железничка пруга од нормален колосек која градот Кичево го поврза со Гостивар, Тетово и Скопје.

Вељаноски нагласи дека на дел од вагончињата се откорнати вратите, искршени прозорците, оштетени се покривите. Со овој зафат за ревитализација сите овие оштетувања ќе бидат отстранети и на оваа композиција ќе и биде продолжен животниот век, а граѓаните и гостите кои ќе престојуваат во Кичево ќе можат да се потсетат на времето од пред пет и повеќе децении.

Вовчето Ќирчо е ноќевалиште на бездомници, неопходна му е ревитализација