Фото: Маја Јаневска-Илиева

В среда ќе се знае судбината на суспендираната обвинителка Вилма Русковска, која е и шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолески ја закажа седницата на која единствена конкретна точка за разгледување е жалбата од обвинителката. Иако е член, на седницата не е поканет, ниту ќе присуствува државниот обвинител Љубомир Јовески, бидејќи тој ја донесе одлуката да оддалечување на Русковска од обвинителската функција.

– Разгледување и решавање по жалбата СОЖ бр.5/22 на јавниот обвинител на ОЈО ГОКК, г-ѓа Вилма Русковска – стои на дневниот ред.

Детали од жалбата на Русковска не се откриваат. Таа стигна во рацете на седумте членови на Советот на јавни обвинители. Жалбата беше поднесена во петокот, а Русковска е убедена дека ги побива сите аргументи на Јовески со кои ја суспендираше. Како причина беше наведено тоа што против Русковска се води кривична постапка, а по поднесена кривична пријава од Финансиската полиција за претресот, кој не бил направен согласно закон.

За Русковска, нејзиното суспендирање значи и суспендирање на правото и правдата во државата. Таа кажа дека ваквата одлука е притисок врз неа, кој ќе влијае и на колегите кои водат случаи за висока корупција.