Фото: Маја Јаневска-Илиева

Институтот за комуникациски студии (ИКС), во рамките на кампањата „Разбистри сè“, утре организира јавна дискусија во врска со изработката на рамката за развој #МКД2030 во областа на животната средина, процес кој го води македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Станува збор за стратегиски документ кој треба да ги утврди целите и приоритетите кои треба да бидат постигнати, меѓу другите области, во животната средина до 2030 година. Намерата е на транспарентен начин и преку консултации со граѓанските организации, професорите и експертите членови на Алијансата „Разбистри сè“ да се утврди фокусот на развојот во животната средина во следната деценија.

Претседателот Пендаровски ќе има воведно обраќање на настанот, по што претставници на граѓански организации, професори и експерти ќе имаат консултативна дискусија со него за да ги презентираат нивните размислувања и предлози.

Рамката за развој #МКД2030 ќе претставува стратегиска рамка врз основа на која ќе се изработи Националната стратегија за развој 2021-2041, процес кој ќе го води Владата.