Државата ќе обезбеди финансиска поддршка за учениците од основното и средното образование кои освојуваат награди на меѓународни натпревари и олимпијади, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Со законските измени, како што појасни, ќе се покриваат трошоците за учество на натпреварите и за учениците и за нивните ментори, ќе се доделуваат деветмесечни стипендии, како и еднократни парични награди за освоени прво, второ и трето место, односно златен, сребрен и бронзен медал.
Јаневска нагласи дека Министерството финансира 15 признати меѓународни олимпијади, како и сите натпревари со учество од повеќе од 10 држави. Минатата година за оваа намена биле издвоени 4,5 милиони денари.
Стипендиите изнесуваат околу 3.500 денари месечно во период од девет месеци, а дополнително се доделуваат и награди во висина од 80, 60 и 40 проценти од просечна плата, како и еднократни износи од пет, три или две просечни плати, во зависност од освоениот пласман.
Министерката информираше дека е во завршна фаза подготовката на концепција за работа со талентирани ученици, која ќе се темели на меѓународни практики.
– Станува збор за сложен и скап процес, особено во делот на откривање на талентирани деца и примена на соодветни алатки. Потребна е и дополнителна едукација на наставниците, како и вклученост на родителите – истакна Јаневска.
Таа додаде дека, и покрај предизвиците, системот веќе препознава таленти преку наставниците и родителите, што се потврдува и со успесите на учениците на меѓународни натпревари.


































