Фото: Општина Карпош

Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски денеска на прес-конференција што ја одржа пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, побара од нејзиниот лидер Христијан Мицкоски да одговори како го стекнал имотот во изминатите години.

Единственото прашање, рече Јакимовски, кое го посочуваат деновиве тој и неговите сопартијци е како внукот на Али Ахмети, на 25 години стекнал толку големо богатство што станал еден од сопствениците на трговскиот центар Соравија.

-Прашањето на Мицкоски е сосема легитимно, тоа младо момче да објасни како стекнал милионски имот, но имам и јас прашање за господинот Мицкоски. Мицкоски да каже на колку години ја направил својата прва хидроцентрала и се стекнал со милионски имот и дали ја стекнал пред или за време на неговото директорување со ЕЛЕМ – рече Јакимовски.

Јакимовски забележува дека Мицкоски како директор на ЕЛЕМ требало да гради хидроцентрали кои ќе бидат во државна сопственост, а не во негова лична сопственост.

-За жал ние сме соочени со луѓе кои сакаат да земат власт, а кои сакаат да го лажат народот и тоа е апсолутно нечесно според мене. Јас како човек што се занимава долго со политика може да кажам и нешто што не му се допаѓа на народот, но никогаш нема да кажам лага и никогаш својот народ нема да го лажам и само сакам да им упатам порака на граѓаните на Карпош да имаат доверба во својот градоначалник – рече Јакимовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку соопштение, му одговорија на Јакимовски, дека тоа што го зборувал му е наредено од тандемот Ковачевски.

-Ја разбираме задачата на Стевчо Јакимовски која пред се е мотивирана од концесиите кон ДУИ и кон таткото и синот Ковачевски и сега има мисија да шири невистини, измислици и лаги кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тоа што го збори Стевчо Јакимовски е тоа што му наредил тандемот Ковачевски. Тоа е и причината зошто Јакимовски после 6 години власт на СДС и ДУИ и украдени милијарди збори за ВМРО-ДПМНЕ, а не за она што е изворот на проблемите во државата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека ако е толку убеден Јакимовски во тоа што го зборува следниот пат наместо во прашална форма нека оди во потврдна форма за да може да се докаже вистината пред судовите.