Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во соработка со Црвениот Крст и со поддршка на нашите партнери од ЕУ, австриската Агенција за развој и австрискиот Црвен Крст, обезбедена е дополнителна поддршка, еднократна финансиска помош во висина од 4.865 денари за илјада семејства и домаќинства приматели на гарантирана минимална помош, коишто имаат лица над 69-годишна возраст или лица со попреченост, изјави денеска на прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Таа посочи дека средствата се наменети за овие домаќинства многу полесно да го поминат овој период на криза.

Во однос на најновите мерки околу надминување на овој период на здравствена и енергетска криза, таа спомна дека e започната исплатата на финансиската помош од илјада денари во наредните три месеци за 330 илјади пензионери.

– Дополните со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување ја воспоставивме новата методологија со усогласувањето на пензиите што претставува еден континуиран и системски начин за раст на пензиите во периодот што е пред нас, започнувајќи од септември оваа година, ќе ја применуваме новата методологија што ќе значи и повисоки пензии за пензионерите – нагласи министерката.

На новинарско прашање за избрканите лица од прифатниот центар во Визбегово, министерката Тренчевска објасни дека некои од семејствата што се вклучени на пазарот на трудот излегуваат од социјалниот ризик, односно не се материјално необезбедени семејства.

– Поддршката што ја даваме во моментов ќе продолжи и откако ќе излезат овие домаќинства од прифатниот центар во Визбегово ќе им се дава поддршка. А дополнително ќе го искористиме и новиот оперативен план за вработување којшто вчера беше промовиран од страна на МТСП и Агенцијата за вработување, каде што се предвидени работни места за вклучување на пазарот на труд токму примателите на гарантираната минимална помош, така што дополнително ќе ги зајакнуваме и работоспособните членови на домаќинствата токму на овие семејства, ќе бидат вклучени на пазарот на труд и самостојно ќе си обезбедуваат егзистенција со својот труд, рече Тренчевска.

Генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити, информираше дека проектот во себе има четири компоненти од кои едното се однесува на парична помош кон илјада семејства коишто во своето домаќинство имаат лице над 69 годишна возраст. Една од компонентите се однесува на унапредување и подобрување на менталното здравје на нашето население, една компонента се однесува на подгрантирање на 10 невладини организации кои работат со стари лица и секако последната компонента се однесува на адвокативност и на лобирање во однос на донесување на понапредни политики за грижа на стари лица.

– Самата имплементација на оваа компонента веќе е отпочната, трансферот на средствата се очекува да биде завршен од 28 до 31 март, значи во тек е целата операција. По префрлувањето на средствата кај корисниците, секако дека Црвениот Крст ќе направи уште една евалуација, ќе бидат посетени сите илјада семејства се со цел да видиме колкав е ефектот и бенефитот на тие семејства со тоа што ние даваме помош, посочи Саити.