Скопјанецот Ш.Р.(71) загина синоќа, во сообраќајна несреќа, во Скопје, откако на крстосницата од улиците „Кемал Сејфула“, „Александар Урдаревски“ и „Босна и Херцеговина“, во него удрило патничко возило „голф 5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Ј.(17) од с.Брест, Скопско, кој исто така, се здобил со повреди.
Како што соопшти МВР, сообраќајната несреќа била пријавена вчера во 20:15 часот во СВР Скопје.
-На местото на несреќата пешакот им подлегнал на повредите, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, додека возачот И.Ј. се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ – наведуваат од МВР.
Увид на местото на несреќата извршиле екипа од СВР Скопје и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено за обдукција.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во судир со законот за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие кое што со закон е определено како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик.
-Без да има важечка возачка дозвола, детето на возраст од 17 години, на 27 јануари во вечерните часови, управувало автомобил „Фолксваген голф“, сопственост на неговиот татко. Притоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето. Возејќи по улицата „Босна и Херцеговина“, стигнал до крстосница со улиците „Александар Урдаревски“ и „Кемал Сејфула“, но не ја приспособил брзината на движење кон својствата и состојбата на патот. Како резултат на тоа, со предниот лев дел од автомобилот удрил во пешак кој го поминувал коловозот на обележан пешачки премин. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место – информираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерка притвор спрема детето во судир со законот, бидејќи оцени дека постои опасност да се даде во бегство, да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото.