Министерството за внатрешни работи соопшти дека од 1 ноември до денеска полициските службеници постапувале по 25 пријави за семејно насилство и насилство во партнерски и семејни односи. Случаите биле пријавени на подрачјата на Скопје, Куманово, Кочани, Штип, Велес, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово, Берово, Струга, Кичево, Свети Николе и Струмица.
Во рамки на постапувањето, полицијата лишила од слобода и привела 14 лица, поради сомнение за физички напади, упатување закани и други форми на насилно однесување кон членови на семејството и сегашни или поранешни партнери.
– Меѓу пријавените случаи има физички напади врз сопружници, поранешни партнери, родители, деца, браќа и сестри, како и случаи на психичко малтретирање, закани и вознемирување. Евидентирани се и случаи на непочитување на изречени заштитни мерки, како и непочитување на решенија на центрите за социјална работа во врска со остварувањето видувања со малолетни деца – информираат од МВР.
Од Министерството посочуваат дека во еден од случаите во Скопје, лице со остар предмет упатувало закани кон својата мајка. Во друг случај, во Тетово било пријавено следење и упатување закани од поранешен партнер, со што биле прекршени изречените судски заштитни мерки.
Пријавени биле и случаи на физичко насилство врз малолетни лица, како и закани и насилно однесување во семејниот дом.
Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите, против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави и поднесоци.
Министерството информира дека постапува по секоја пријава за семејно насилство и ги презема сите законски мерки за откривање и санкционирање на сторителите.
Оттаму апелираат до граѓаните да не молчат и навремено да пријавуваат каква било форма на семејно насилство, за надлежните институции да можат соодветно и навремено да реагираат.































