Триесет и пет мигранти од вкупно 49 се повредени во синоќешната сообраќајка која се случи на магистралниот пат Гевгелија-Демир Капија на клучката за село Марвинци откако камион „сканија“ со скопски регистарски, таблички, во кој се превезувале мигрантите, излетал од патот.
Според информациите од портпаролот на СВР Струмица, Александра Трајанова, еден од мигрантите е со потешки повреди, а останатите имале полесни повреди.
– Според кажувањата на мигрантите сите се од Сирија, бидејќи некои имале патни исправи, а некои немале. Синоќа во 18.10 е пријавено дека товарно возило излетало од патот на клучка од село Марвинци кон М1, регионален пат Гевгелија – Демир Капија. Возачот побегнал, а на местото на излетувањето на камионот се пронајдени мигрантите – изјави Трајанова.
Повредените биле пренесени во гевгелиската и струмичката болница, а по укажаната помош еден е задржан на лекување во Гевгелија и еден е испратен на понатамашно лекување во Клиничкиот центар во Скопје.
– Мигрантите беа донесени со возила на итната медицинска помош од Валандово, Кавадарци, Неготино и Гевгелија. Вкупно беа згрижени 24 лица со различен тип и тежина на повреди. По направените прегледи констатирано е дека 22 лица се со полесни повреди и по санирањето лицата се испратени во Прифатниот центар „Винојуг“. Две лица со потешки повреди се испратени во Скопје. Едното од нив е задржано, а другиот е вратен на хируршкото оделение во нашата болница. Според информациите од колегите тоа е во добра здравствена состојба и ќе биде префрлен во Прифатниот центар – изјави д-р Митко Крџев, директор на болницата во Гевгелија.
Единаесет од повредените мигранти синоќа биле примени во струмичката болница, каде по укажаната помош се пратени во Прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.
По насоки на јавен обвинител, увид на лице место извршија увидни екипи на МВР, се постапува за утврдување на причините за несреќата и другите околности на настанот. Ова го изјавија денеска за МИА, од Јавното обвинителство, по синоќешната сообраќајка во која имаше повредени мигранти.