Фото:ОЈО

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, изјави дека се постапува во случајот со фалсификување на пари во кој е осомничен вработен во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.

Во гостувањето на Канал 5 Телевизија, министерот Тошковски не сакаше да открие повеќе детали во врска со случајот, со цел, како што рече „истрагата да може да функционира како што треба“.

– Она коешто го имаме од заедничката соработка помеѓу двете полиции на Косово и на Македонија во соработка со Интерпол, во конкретниот случај е преземено како дејствие и за конкретниот случај се постапува и сметам дека не би можел да излезам со повеќе информации во однос на ова, сè со цел истрагата да може да функционира како што треба да функционира – рече Тошковски.

Министерот не одговори на прашањето дали и други лица од МВР биле вклучени во случајот.

Станува збор за лицето Ш.Д. (34) од Ресен, вработено во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР кое беше приведено на косовска територија во координирана акција меѓу македонската и косовската полиција под сомнение за сторено кривично дело – „фалсификување пари“.