Фото: Царинска управа

Царинска управа на Република Македонија преку Секторот за контрола и истраги лиши од слобода три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина, осомничени за криумчарење и користење на медицински препарати кои можат да бидат штетни по здравјето на граѓаните.

Како што информираат од институцијата, случајот е разоткриен на граничниот премин Табановце, каде при детална контрола на комбе биле пронајдени 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со ознаки „TIRZ 2.5 mg“ и „TIRZ 5 mg“, скриени во постелнина.

Возилото, кое било под надзор на мобилен царински тим, продолжило до локација каде требало да се изврши предавање на пратката, по што во моментот на исплатата биле уапсени осомничените.

По налог на јавен обвинител, извршен е претрес во салон за убавина, каде се пронајдени непроверени дермални филери, препарати за разградување филери, производи за редукција на маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и подмладување.

Според надлежните, за овие производи не постои документација за безбедност, исправност и законит увоз, а постојат сомнежи дека биле и рекламирани и користени врз клиенти во салонот.

Против осомничените е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за криумчарење и производство и пуштање во промет штетни средства за лекување.

Од Царинската управа најавуваат продолжување на контролите со цел заштита на здравјето на граѓаните и апелираат дека секое незаконско работење ќе биде строго санкционирано.