Фото: Принтскрин

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје вчера го продолжил увидот на местото на тешката сообраќајна несреќа која се случи вчера на патот Скопје-Блаце.

По извлекувањето на автомобилот „бмв“ со косовски регистарски ознаки и трите тела на починатите патници од водите на реката Лепенец ќе биде издадена наредба за обдукција, а јавниот обвинител ги координира сите дејствија со цел обезбедување докази за расчистување на настанот.

Додека во целост не бидат испитани сите околности и не биде утврдена причината за сообраќајната несреќа, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје синоќа достави предлог за определување краткотраен притвор во траење од 48 часа за лицето кое беше задржано по синоќешната несреќа.

Станува збор за 64-годишен жител на Скопје кој управувал со автомобил „фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки и кој во критичниот момент ја престигнувал колоната возила во која бил и косовскиот автомобил. Предлогот за определување краткотраен притвор е поднесен бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.

Завчера попладне во возилото „бмв“ со косовски таблици удрил „фолксваген туран“ со скопски таблички по што возилото паднало во реката Лепенец. Во него имало четири патници, членови на едно семејство, од кои 21-годишно момче е спасено и однесено во болницата „8 Септември“ во Скопје. Во возилото биле и неговата мајката, таткото и 16-годишниот брат.