Деновиве во јавноста се актуализира името Ружа Игнатова, за многумина анонимна и непозната личност, меѓутоа во светот на криптобизнисите една од најголемите криминалци. Која е Ружа Игнатова, чие потекло е од Бугарија? Зошто ФБИ ја додаде на листата на десетте најбарани беглаци?

ЗА НАЈНОВАТА ПИРАМИДАЛНА КРИПТОИЗМАМА НА „ОНКОИН“, ВРЕДНА ЧЕТИРИ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Финансиската бенефиција од препродавањето криптовалути во изминатиот период на големо се актуализира. Многумина или, пак, оние што имаат повеќе финансиски средства вложија во виртуелни пари, со надеж дека сето тоа ќе им се исплати, па со нивно препродавање прекуноќ ќе станат милионери. Сепак, и во тој свет не е сѐ толку едноставно. И тука постојат големи измами за кои обичниот човечки ум воопшто не може да биде свесен и токму затоа многумина паѓаат во замки. Деновиве во јавноста се актуализира името Ружа Игнатова, за многумина анонимна и непозната личност, меѓутоа во светот на криптобизнисите една од најголемите криминалци. Која е Игнатова, чие потекло е од Бугарија? Зошто дури ФБИ ја додаде на листата на десетте најбарани беглаци? „Нова Македонија“, истражувајќи низ достапните информации, направи пресек за неа и за нејзините криминални активности.

СТАВЕНА НА СИТЕ ЛИСТИ ЗА НАЈБАРАНИ БЕГАЛЦИ

Американското федерално истражно биро (ФБИ) ја додаде Бугарката Ружа Игнатова, позната како криптокралица, на листата на десетте најбарани бегалци, пренесуваат светските медиуми. Таа е барана поради поврзаност со наводна пирамидална криптоизмама вредна четири милијарди долари. ФБИ понуди награда од 100 илјади долари за информации што ќе резултираат со апсење на Игнатова.
Таа е основач на компанијата „Онкоин“, зад која се крие наводната измама. Игнатова патуваше низ светот на конференции на кои ја промовираше „Онкоин“ како „убиец на биткоинот“, но инвеститорите открија дека компанијата всушност не поседувала никаква блокчејн-технологија.
САД издадоа федерален налог за нејзино апсење во 2017 година, кога на Игнатова ѝ се губи трагата. Според соопштението на ФБИ, познато е оти таа патувала од Софија до Атина во октомври 2017 година. А како нејзини можни дестинации се посочуваат Обединетите Арапски Емирати, Бугарија, Германија, Русија, Грција и други во Источна Европа.
ФБИ образложи дека Игнатова стигнала на листата бидејќи се верува оти патува со вооружено обезбедување. Американските власти дури посочуваат дека е можно таа да направила хируршки зафати за да го измени изгледот.
Во мај 2019 година беше уапсен братот на Игнатова, Константин, кој го презеде управувањето со „Онкоин“ во нејзино отсуство. Тој се изјасни како виновен за обвиненијата што вклучуваа перење пари и измама во ноември истата година.
Игнатова претходно беше додадена и на листата на Европол на најбарани бегалци во Европа, во мај годинава.

КАКО УСПЕА ИГНАТОВА ДА СТАНЕ КРИПТОКРАЛИЦА

На почетокот на јуни 2016 година, 26-годишна бизнис-жена, наречена д-р Ружа Игнатова, излезе пред илјадници обожаватели на арената „Вембли“. Облечена во скап фустан, со долги дијамантски обетки, светлоцрвен кармин и полна со самодоверба, пред присутните нагласи дека „Онкоин“ е на патот да стане најголемата криптовалута во светот, со која сите ќе можат да плаќаат насекаде.
Како што е познато, биткоинот и тогаш а и сега е најголемата и најпозната криптовалута, а во тоа време, тие почнаа да го привлекуваат интересот на луѓето, па многумина бараа начини да добијат шанса за да станат сопственици на криптовалути.
Пред многубројната публика, Игнатова, со силна верба истакна дека „Онкоин“ е убиец на биткоинот и оти за две години оттогаш, никој повеќе нема да зборува за биткоините.
Сето тоа ги „запали“ луѓето, па многумина низ светот почнаа да ги инвестираат своите заштеди во оваа нова криптовалута, со надеж дека ќе бидат дел од новата револуција.
Според актуелните податоци, луѓето инвестирале неверојатни 30 милиони во „Онкоин“ во првите шест месеци од 2016 година и дури два милиони евра во само една недела. Помеѓу август 2014 и март 2017 година, повеќе од четири милијарди евра биле инвестирани во нејзината измислена криптовалута, од луѓе од десетици држави низ светот, почнувајќи од Пакистан до Бразил, Хонгконг, Норвешка, Канада, Јемен, па дури и од Палестина.
Колку за појаснување, вредноста на нештото, независно дали е криптовалута, монета, злато или нешто друго, директно зависи од нас луѓето. Сите тие вредат онолку колку што луѓето ќе им дадат вредност и колку што е голема вербата во нив.
Долго време луѓето се обидуваат да создадат вид дигитални пари независни и целосно одвоени од банкарските системи на државите. Но таквите обиди секогаш пропаѓаат затоа што никој не верува во нив. Сепак, биткоините функционираат на единствен и поинаков начин.
Причината што многумина се толку возбудени за оваа криптовалута е тоа што тука нема недоверба, оваа валута има специјална датабаза, наречена блокчејн, која на некој начин е голема книга што сопствениците на биткоини ја имаат самостојно, но, сепак, независно едни од други. Секојпат кога биткоин се испраќа од еден на друг, доказ за таа трансакција се испраќа во книгата на секој сопственик. Ниту банките ниту владите ниту пак личноста што инвестира може да го смени тоа. Сето тоа значи дека биткоините не можат да бидат лажни, ниту пак препродавани од едно на друго лице во исто време.

Како функционирала измамата?

Лица биле повикувани на вебинар, каде што биле убедувани да инвестираат финансиски средства. Колку повеќе инвестираш, толку повеќе добиваш. Некои од нив дури ги повикале и пријателите да инвестираат. Своите инвестиции ги следеле онлајн, каде што десеткратно им се дуплирале онлајн заработките.
Кога бројката нагло почнала да расте, некои од нив добиле предупредување од човек што дознал дека оваа криптовалута нема блокчејн, тоа што е клучно за нејзино постоење. Станува збор за човек што бил повикан да работи за неа, меѓутоа сомнежот бил посилен од понудата за работа, па ја одбил понудата.
На прашањата до вработените во „Онкоин“ дали навистина оваа криптовалута нема блокчејн, што е всушност единствената сигурност за нејзиното постоење и стабилност, им било одговарано дека тоа се информации што тие не мора да ги знаат. А по подолго истражување со луѓе што веќе биле запознаени со оваа наводна криптовалута, на инвеститорите им станувало јасно дека парите што ги гледале онлајн биле само обични бројки без никаква вредност.
И покрај тоа што поединци навреме се спасиле од оваа измама, иако инвестирале високи суми, криптокралицата продолжила да патува низ светот заработувајќи лесни пари. Купувала луксузни имоти, правела елитни забави на луксузни јахти…
Во 2017 година, во Португалија била закажана средба помеѓу инвеститорите и Игнатова, средба на која луѓето требало да си го добијат заработеното, но Ружа никогаш не се појавила.
Никој не знаел каде е, криптокралицата едноставно исчезнала.
Заминала од другата страна на законот, во подземјето. ФБИ има докази дека две недели по нејзината закажана средба со инвеститорите, Игнатова се качила на авион од Софија кон Атина, откога ѝ се загубила секаква трага.
„Онкоин“ претставуваше вистинска виртуелна експлозија, нова и успешна класична пирамидална шема. Таа ги претставува сите можности што се отвораат со помош на технологијата и колку познавачите на технологијата можат да ја злоупотребат, на сметка на оние на кои таа не им е силна страна. Сето тоа е темната страна на технолошкиот бум.
Игнатова успешно идентификува неколку слаби точки на општеството и ги искористи за сопствена бенефиција. Знаеше дека има доволно очајни, лакоми и збунети луѓе, кои своите надежи ќе ги насочат кон оваа криптовалута. Додека тие да сфатат дека станува збор за измама, криптокралицата исчезна од лицето на Земјата, заедно со нивните пари.

ГОЛЕМ БРОЈ КРИВИЧНИ ДЕЛА

Криптокралицата, иако родена во Бугарија, на десетгодишна возраст заминала со своето семејство да живее во Германија. По образованието, во 2011 година, таа инвестирала во салон за убавина, а веќе во 2012 година, заедно со нејзиниот татко Пламен, добила 14-месечна затворска казна, поради сомнително банкротирање на фирмата.
Една година подоцна била инволвирана во маркетиншка измама наречена „Биг коин“, а веќе во 2014 година ја основала Понзиевата шема во светот позната како „Онкоин“. Пред да инвестира во салон за убавина, таа работела како дел од адвокатска канцеларија, за што во 2022 година германската полиција почнува истрага за перење пари и трансфер на 7,69 милиони евра на приватна сметка во 2016 година.

[email protected]