Глобалната сигурност и новиот светски поредок, декодирање на економијата, и кибернетичката сигурност се главните теми што се дискутираат на конференцијата „Хрватски денови на безбедноста 2022“, која се одржува од 28 до 30 септември во Опатија, а на која се доделуваат хрватските награди за безбедност. На настанот, на кој има повеќе од 200 учесници, шестчлената македонска делегација е предводена од проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје.
– За нас како делегација е од особено значење учеството на конференцијата, на која во рамките на посебна тркалезна маса особено внимание ќе биде посветено на дејствувањето на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје. Несомнено е дека во нашата држава има потреба од имплементација како на теоретско, така и на практично ниво на концептот за корпоративна безбедност и затоа нашата асоцијација е клуч за сигурноста во деловното работење, во промоцијата на деловната позиција – менаџер за корпоративна безбедност, која навистина е реткост како во големите корпорации, така и кај помалите кај нас – вели проф. д-р Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје.

Организатор и домаќин на настанот е Хрватската асоцијација на менаџери за безбедност, која оваа година слави 15-годишнина и како граѓанска организација во изминатиот период ги промовираше интересите на безбедносните менаџери и создавањето партнерски односи меѓу јавноста и приватните безбедносни сектори, економијата и академската заедница.

Претседателот на хрватската асоцијација, Ален Остојиќ, на отворањето на настанот истакна дека безбедноста е изложена на сајбер-напади, тероризам, здравствени кризи, прекини во синџирите на снабдување, грабежи, измами, корупција, радикализација и други предизвици и поради тоа стана исклучително важен сегмент, како на национално така и на локално, но и на корпоративно ниво.

Поради оваа причина, како што рече тој, отворен е дијалог со Управата на хрватската полиција, а министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ го поддржа формирањето комитет за безбедност на бизнис-заедницата.
– Во ова време на вонредни превирања, уште поважно е да се здружиме како заедница на безбедносни професионалци за да ги истражиме најновите сознанија и препораки, да споделиме нови идеи и најдобри практики во градењето корпоративна безбедност – рече тој.

Конференцијата официјално ја отвори Роберт Копал, специјален советник на премиерот на Република Хрватска за национална безбедност.