Утрово примив информација дека поради постоење основани сомневања за сторено кривично дело, припадниците на Министерството за внатрешни работи привеле наставник кој подолг временски период работи во основното училиште „Александар Македонски“, објави на својот Фејсбук-профил градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски.
-Како градоначалник, родител и универзитетски работник, но и како човек кој преку активностите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје директно е поврзан со правото и е дел од образовниот процес цврсто стојам на ставот дека наша обврска е да дадеме се од себе за на децата да им овозможиме училишните денови да ги поминуваат во здрава средина. Процесот на социјализација и едукација на дечињата не смее да се поврзува или да биде обременет со било каква нелегална активност која е во спротивност со законот. Наша обврска е како институции да овозможиме квалитетен образовен процес во кој ќе ги надминеме сите пречки и недостатоци. Инсистирам случајот да биде расчистен во целост и во таа насока потенцирам дека основното училиште и Општина Аеродром веќе соработуваат со надлежните институции за спроведување на законот. Аеродром е општина која инвестира во образовниот процес, а децата, нивниот развој и нивното образование се во фокусот на нашата работа. Токму поради ова, неопходно е секое прекршување на законот соодветно да биде санкционирано – пишува Муцински.
Вчера полицијата спроведе голема полициска акција во Скопје при што приведена е поголема група улични дилери на дрога.
Меѓу уапсените имаше и учителка во основно училиште.
Голема полициска акција во Скопје, приведени дилери на дрога, уапсена и учителка