Европските земји имаат сериозен проблем со обезбедување на јавниот ред и мир: Увид на полицијата во Упсала, Шведска, по пресметка на криминални банди / Фото: ЕПА

Да ја земеме за пример овој пат Шведска. Таа од најбезбедна земја, сега се соочува со улични пресметки на мафијата. Имено, за масовното пристапување на младите кон бандите се обвинува постоењето паралелни општества, односно маргинализацијата и гетоизацијата на имигрантските заедници, што е видливо во сите поголеми области. Практично не постои град што нема барем една „ранлива област“, ​​како што се нарекуваат населбите со доминантно имигрантско население, во кои невработеноста е висока, а образованието е ниско. Пред имиграцијата, тоа се случи и со интеграцијата, вели Јенс Лапидус, во интервју за „Фајненшл тајмс“, како дел од извештајот на британскиот весник за градот Упсала и за бандите што тероризираат во Шведска

Шведска за само десет години го премина прагот од најбезбедна европска земја, до земја што се бори со криминал, мафија и мафијашки пресметки. Она што во изминатиот период се случува во оваа земја наликува на оние добро познати криминални филмови во кои секојдневно има меѓусебна пресметка на мафијашките банди. И тоа не е случај само во Шведска туку во цела Европа, но Шведска е драстичен пример на висока амплитуда на развојот на ваков вид криминал.
Многумина што ја анализираат оваа појава на нарушување на безбедноста во Европа прават проекција со проблемот со насилството во Шведска, при што издвојуваат дека „коренот на нештата е во миграцијата и неинтеграцијата на доселениците, кои живеат во изолирани делови на земјата, без никаква интеграција во системот“.
– Не би рекол дека имиграцијата тргна наопаку. Пред имиграцијата, тоа се случи и со интеграцијата – вели Јенс Лапидус, во интервју за „Фајненшл тајмс“, како дел од извештајот на британскиот весник за градот Упсала и за бандите што тероризираат во Шведска.
Градот Упсала претходно беше најпознат како дом на најстариот универзитет во Шведска (1477), кој сè уште работи. Лапидус е адвокат, бранител специјализиран за кривични дела, но и автор што своето искуство од судот го преточил во криминални приказни и сценарија за криминални серии.

Сериозни нарушувања на безбедносната состојба и јавниот ред и мир

Темата за бесната војна на бандите, во која сè почесто учествуваат постари деца, главно шведски имигранти од втората генерација, не е пријатна, особено за либералната и прогресивна Шведска. Меѓутоа, со сè почестите конфронтации на улица, подметнувањето бомби, мафијашките ликвидации, испраќањето млади атентатори, каде што сѐ повеќе страдаат и оние „ни криви ни должни“, јавната дискусија е од клучно значење.
– Порано одевме во Соединетите Американски Држави на обука – изјави за ФТ доктор Фредрик Линдер од Одделот за итни случаи во болницата во Упсала. – Тогаш, примавме по две жртви од огнено оружје годишно. Сега гледаме во просек по една секоја недела. Тоа е сосема нов свет – рече Линдер.
Статистиката покажува дека Шведска за само една деценија од исклучително безбедна земја стана земја со сериозни проблеми.
– Ова е социјален пресврт во Шведска – коментира Јеспер Бродин, извршен директор на шведскиот економски гигант „Икеа“, еден од попознатите шведски бизнисмени.
– Ако вака продолжи во следните 20 години, Шведска ќе биде изгубена – изјави за британските новинари Ричард Јомшоф, член на Риксдаг од екстремно десничарските Шведски демократи, партија со неонацистички корени. Зголемувањето на оруженото насилство само покажува дека интеграцијата во оваа земја била безуспешна.

Премиерот на Шведска најави „испраќање војска на улиците“!

За масовното приближување на младите кон бандите се обвинува постоењето паралелни општества, односно маргинализацијата и гетоизацијата на имигрантските заедници, што е видливо во сите поголеми области. Практично не постои град што нема барем една „ранлива област“, ​​како што се нарекуваат населбите со доминантно имигрантско население, во кои невработеноста е висока, а образованието е ниско.
Шведската телевизија, според ФТ, објави дека во Стокхолм, полицијата има 150 куќи и згради што мора да ги надгледува поради можноста да бидат цел на напад. Поради големиот број убиства, премиерот најави испраќање на војската на улица.
Ако ја прашате десницата, виновни се имигрантите и левичарите, кои, како што забележува ФТ, пуштиле два милиони луѓе во земјата во изминатите неколку децении. Левицата ја нагласува лошата интеграција, со која сите се согласуваат. Адвокатот и писател Лапидус може од прва рака да каже дека во реалниот живот неговите клиенти биле главно родени Швеѓани, а не дојденци.
– Ти си роден овде, но сѐ уште се чувствуваш како странец. Ти си роден овде и сѐ уште чувствуваш дека вратата е затворена и не те пуштаат внатре – опишува Лапидус, сценаристот на серијата „Брз лов“ на „Нетфликс“.
И централнодесничарските политичари како Фариста Сулејман, локален советник од Умерената партија (М), веруваат дека шведската масовна имиграциска политика била погрешна.
– Политичарите беа едноставно наивни. Во Малме имате луѓе што живеат од социјална помош со децении и не зборуваат ни збор на шведски. Како можевме да им дозволиме да бидат толку пасивни – прашува тој.
А Лапидус во разговорот со ФТ спомнува наивност. Според него, Швеѓаните имаат „наивен став за човечката добрина“ и бавно увиделе „дека има лоши луѓе во светот“.
Јомшоф од шведските демократи укажува на бавноста на Шведска.
– Данска почна да ги разбива бандите пред 20 години – вели тој. Мане Герел, шведски криминолог од Универзитетот во Малме, се согласува.
– Никој не го сфати насилството сериозно додека не беше предоцна – вели тој.
Лапидус смета дека големата нерамнотежа на богатството во Шведска исто така била важен катализатор. Во последниве години, јазот во општеството расте. На левата страна на политичкиот спектар, еден од факторите е приватизацијата на општествениот систем. Во Шведска се случи голема промена и сега приватни компании управуваат со голем број училишта, болници и домови за пензионери или запоставени деца. Таа промена дојде со умерените.

Наместо доселениците, сега бандите се „интегрираат“ во системот

„Фајненшл тајмс“ забележува еден не толку спомнат елемент од приказната за Шведска како земја во неволја поради лошата интеграција. ФТ пишува дека бандите во Шведска се развиваат, односно нивната примарна нишка повеќе не е трговијата со дрога. Полицијата и локалните политичари тврдат дека има сѐ повеќе докази дека бандите сега првенствено заработуваат од измами, па дури и управуваат со делови од социјалната држава.
Една процена, пишува ФТ, е околу 570 милиони долари профит, што е двојно повеќе од бизнисот со дрога.
– Имаме систем каде што бандите управуваат со училиштата и домовите. Имаме 20 години дерегулација зад нас и бевме премногу наивни. Имаме училиштен систем што работи против интеграцијата преку сегрегација – вели Ерик Пелинг, градоначалник на градот.
Во сиромашните области обично се најлошите училишта. Никој, пишува ФТ, не знае до каде отишла инфилтрацијата. Лица од областа на безбедноста сметаат дека тоа се проширило на некои партии. Последниот случај што одекна и го потхранува споменатиот наратив е случајот на вработена од шведскиот суд против која се води истрага под обвинение дека им дала информации на криминалци и дека дури им дозволувала на криминалците да го користат нејзиниот службен компјутер. Жената ги негира наводите.
Една од спецификите на ситуацијата во Шведска е дека членовите на бандите стануваат сѐ помлади. Момчињата на возраст од 14 години беа уапсени како сторители на најголемите злосторства. Една од причините лежи во тоа што судството предвидува помали казни. Така, 25-годишен маж добива пет години затвор за активирање бомба, а малолетниот соучесник десет месеци во воспитно-поправен дом. Бандите, велат од полицијата, сѐ почесто ги регрутираат своите „пиони“ токму од овие домови. Градоначалникот на Упсала, Пелинг, изјави дека атентаторите во случаите на Упсала често доаѓаат како најмени убијци од други делови на земјата.
Соговорниците на ФТ потсетуваат како некогаш Малме бил најлошиот град по насилство и криминал. Но сега е многу полошо во другите шведски градови, додека градот на југот на Шведска закрепна во овој поглед. Локалните власти велат дека не се работи само за полициски рации, истраги и операции. Голем дел, сметаат тие, е резултат на работата со локалната заедница. Советничката Сулејман и криминологот Герел се согласуваат.
– Треба да работиме со тригодишни деца за да не станат лесен плен за бандите на десетгодишна возраст – велат тие.
– Најдобрата вакцина за да не се придружите на банда е завршување на средното училиште. А сè поголем број деца едвај завршуваат основно училиште во Малме – вели Сулејман.