Почнаа да гледаат

Челни личности од ЕУ, веројатно од политички или од стратегиски причини, застануваат на страната на Бугарија и на чуден начин замижуваат пред нашето постоење како посебен народ и идентитет. Но сѐ има свој почеток и свој крај. И покрај силните притисоци што доаѓаат од ЕУ и пошироко, за менување на нашиот устав и вметнување на бугарското малцинство во него, конечно се јавуваат земји членки при ЕУ што почнаа да гледаат од поинаков, од реален агол

Секогаш како прво треба да почнеме со настаните што водат кон височините, односно кон најважните политички и дипломатски средби, кои се случија минатата недела во непосредна близина на Сан Франциско, Калифорнија. Се подразбира, ваквите средби предизвикуваат голем медиумски интерес, бидејќи на врвот од ваквите билатерални разговори се среќаваат претседателот на Кина, Си Џинпинг, и претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден. Како и секогаш, на вакви исклучително важни дипломатски средби неизбежна тема се мирот, иднината и стабилноста во кој било дел на планетата земја.
Кинескиот претседател Си Џинпинг истакна дека светот денес минува низ длабоки промени, невидени во текот на еден век. Затоа погледите и интересите на Кина и на САД треба да бидат насочени во иста насока, во интерес на мирот и стабилноста во светот. Од друга страна, претседателот Џо Бајден спомена дека САД не бараат промена на системот на Кина, не поддржуваат независност на Тајван и што е најважно, додаде Џо Бајден, САД не бараат нова студена војна.
На средбата во Калифорнија меѓу претседателите на САД, Џо Бајден, и на Кина, Си Џинпинг, сѐ беше кажано и сѐ беше разбрано. И двата претседатела со искрена и добра намера зборуваа за мир во светот и разбирање меѓу луѓето од сите меридијани. Но некои силни познавачи на човековата историја велат и тврдат дека немало период во минатото и во сегашноста кога војната и разните препукувања меѓу луѓето не биле присутни. Значи војните отсекогаш биле секојдневна реалност, а, за жал, тоа се случува и денес.

И за време на разговорите меѓу двајцата претседатела, Џо Бајден и Си Џинпинг, некаде во светов се случуваат недоразбирања и воени конфликти, кои кај обичниот човек произведуваат немир и страв, бидејќи како по некое непишано правило, или по некаква инерција, секаде каде што се случуваат воени дејства се појавуваат бегалци. Без разлика од која страна на светов се појавуваат бегалците, тие си личат едни на други како да се скроени по некој однапред осмислен калап. Одредницата кон која се упатуваат за да ги одбегнат страданијата што им ги навестува војната исто така е голема непознатица. Некои што имаат поголема среќа се стационираат во непосредна близина на своите родни огништа и веројатноста за евентуално враќање е поголема, а на тие што од икс-причини се принудени да заминат во далечни патувања, односно да се сместат во непознати простори, шансата за враќање кон дома им се намалува, ако воопшто имаат можност кога-тогаш да се вратат.
Без да навлегуваме чија е вината, војната во Украина пара очи и затнува уши. Пред војната, во оваа земја живееја околу четириесет милиони граѓани, сега за време војната во таа земја останаа нешто повеќе од половина жители колку што живееја претходно. Важно е кога во целата несреќа што се создава со појавата на секоја војна да имате, ако така можеме да кажеме, голема среќа, односно да имате со што и каде да одите или просто и безобразно кажано да имате,,спонзор“ што ќе ве прифати. Украинците се убав народ и би рекол релативно лесно се преселија во многу европски земји дури и на други континенти. Русите, кои војуваат со Украинците, поседуваат голема површина земја и со тоа немаат проблеми од таков вид.
И бегалците од африканските земји се убав народ, но за стотици илјади од нив Средоземно Море се претвори во вечно почивалиште. Која е причината што на едни им оди од рака, а на други не и повторно кога станува збор за бегалци се мисли на страдалници, кои не по нивна вина се принудени на таков чекор, па оттука не знам дали имам право да речам дека на едни им оди на други не. Но вистината е таа.
Невиден парадокс е војната меѓу Израел и Хамас, која се води на територијата на сегашна или поранешна Палестина. Низ историјата, еврејскиот народ има поминато низ не знам колку пеколни страдања.

Само за време на Втората светска војна беа убиени, во конц-логори, во гасни комори над шест милиони граѓани припадници на еврејската заедница. Денес Израел за свој опстанок војува против Хамас, и со право. Но што со палестинскиот народ, зарем и тој треба да ги помине страдањата во кои се наоѓаше еврејскиот народ? Јас не знам ниту можам да одговорам на ваква комплексна состојба. Можеби решението се мирот и разумот меѓу луѓето, за кои на својата средба зборуваа Џо Бајден и Си Џинпинг
За време на војната во Косово, кога Македонија прими илјадници страдалници, нашата држава Македонија покажа хуманост кон бегалците од која било војна. Бегалци или прогонети се случија и за време на Граѓанската војна во Грција кога стотици илјади беа принудени да ги напуштат родните огништа и тргнаа или беа однесени во далечни простори. Некои од нив и денес талкаат по светот, за разлика на бегалците од Косово, кои најдоа привремено прибежиште и за кратко време се вратија во нивните огништа.
Овие се физички војни во кои се војува со топови, тенкови во денешно време и со брзи ракети, но има и војни што се водат поинаку, некои ги нарекуваат војни за грабење идентитет и историја на друг народ. Некои мислат дека го решивме проблемот со Грција, ама не е така. Не од вчера, туку од пред стотина години Бугарија сонува за присвојување на историскиот бренд на Македонија, а на политичкиот хоризонт само таа си знае која е причината што често знае да се најде на погрешната страна. Денес, како членка на ЕУ, источниот сосед сака да игра валкана и погрешна улога кон Македонија и повторно сака да живее во заблуда и нереални соништа.
Челни личности од ЕУ, веројатно од политички или од стратегиски причини застануваат на страната на Бугарија и на чуден начин замижуваат пред нашето постоење како посебен народ и идентитет. Но сѐ има свој почеток и свој крај. И покрај силните притисоци што доаѓаат од ЕУ и пошироко, за менување на нашиот устав и вметнување на бугарското малцинство во него, конечно се јавуваат земји членки при ЕУ што почнаа да гледаат од поинаков, од реален агол.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, господинот Петер Сијарто, при неговата посета на Македонија рече, тие (мислејќи на Бугарија) што ја блокираат Македонија за почеток на преговорите за ЕУ треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на ЕУ.
Многу е убаво чувството кога ќе слушнете и ќе забележите дека има луѓе што мислат и дејствуваат по некој разумен и општочовечки начин на размислување. Претседателот на Кина, Си Џинпинг, и претседателот на САД, Џо Бајден, при нивната дипломатска средба разговараа токму за тоа.