Основното јавно обвинителство Охрид до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против едно лице од Битола, за кое е поведена постапка за кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од Јавното обвинителство, на 19 јануари, осомничениот, заедно со уште едно лице против кое веќе се води постапка и е поднесено обвинение, од омраза поради националната и етничката припадност нападнале еден оштетен кој се изјаснувал како Бугарин, го удирале со раце и нозе по главата и телото и тешко телесно го повредиле.
-Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот на сега осомничениот да му ги определи следните мерки – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за употреба на лична карта за преминување на државна граница, како и обврска да се јавува повремено – на секои 7 дена на определено службено лице или кај надлежен државен орган – соопштија од ЈО.
Осомничениот, исто како и претходно обвинетиот во оваа постапка, тврди дека има само македонско државјанство.
Како што посочуваат во соопштение, во тек е собирање докази за проверка на наводите изнесени во поднесената кривична пријава против осомничениот. За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок. Со оглед на тоа, Основното јавно обвинителство Охрид ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште.