Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според извори на МИА едно од училиштата е СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, а неофицијално станува збор и за гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“

Пет училишта во Скопје денеска преку мејл адреси добиле закани дека во нивните објекти е поставена бомба. Дојавите се доставени до СВР-Скопје и веднаш до добиените пријави се евакуирани учениците и вработените.

По добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, наведуваат од МВР.

Според извори на МИА едно од училиштата е СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, а неофицијално станува збор и за гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“.


Сојузот на средношколци бара да се зголеми безбедноста во училиштата

Сојузот на средношколци преку соопштение изрази загриженост за денешните дојави за поставени бомби во пет средни училишта во Скопје.

– Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Република Србија. Сојузот ја поздравува брзата акција на безбедносните служби. Ограноците на Сојузот нè информираа дека евакуацијата е целосно спроведена, а настава нема да има за учениците од втората смена – стои во соопштението.

Сојузот на средношколци апелира на зголемување на безбедноста во средните училишта.

– Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедностите и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето на за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес – се вели во соопштението.