Деталите за евентуалната помош од ЕУ за земјите од регионот не се познати, но неименуван, како што тврдат во црногорски „Вјести“, доброупатен извор од ЕК брифира дека станува збор за помош од една милијарда евра за Западен Балкан

Набрекната дипломатска чанта на Урсула фон дер Лејен за балканската турнеја

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, неделава е на балканска турнеја, во чии рамки се очекува денеска да допатува во Скопје. Во рамките на турнејата таа ќе ги посети и Сараево, Приштина, Тирана, Белград и Подгорица. Нејзиното доаѓање се очекува, бидејќи балканските земји сакаат директно да се запознаат со пакетот за енергетска поддршка, со кој ЕУ ќе им помогне на земјите од Западен Балкан.
– Оваа посета, се разбира, се одвива во посебен контекст, кој е контекст на последователни кризи, прво ковид, а сега војната во Украина и нејзините последици – најави портпаролот на Комисијата, Ерик Мамер.
Како што и самата најави минатата недела од Стразбур, еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување енергенти со земјите од ЕУ. Оваа платформа има цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.
– Пораката е солидарноста на ЕУ со регионот, ангажман преку програми што имаат цел да се поттикнат инвестиции и волја да се продолжи да се соработува со целиот регион – рече Мамер.
Нејзината балканска турнеја беше најавена за време на самитот на Европската политичка заедница одржан пред дваесетина дена во Прага, од каде што таа порача дека Зaпаден Балкан е составен дел на европското семејство.
Ваквите изјави следуваа по неколкуте јавни обраќања со кои балканските лидери побараа помош за справување со енергетската криза. На почетокот на септември, на самитот на Отворен Балкан во Белград, тројцата лидери Ковачевски, Вучиќ и Рама најавија дека ќе бараат поддршка од Унијата. Македонската влада беше уште поконкретна. На 19 октомври министерот за економија Крешник Бектеши го потпиша писмото со барање помош од Европската комисија за справување со последиците од енергетската криза, од кои еден дел се однесуваат на поддршка на ранливите категории, но и на други.
Деталите за евентуалната помош од ЕУ за земјите од регионот не се познати, но црногорски „Вјести“ објави дека станува збор за помош од една милијарда евра за Западен Балкан.

– Оваа иницијатива е поведена по иницијатива на Македонија, која е најмногу погодена од енергетската криза, но и на другите држави од Западен Балкан. Имаше состанок со еврокомесарот Вархеји и министрите на Западен Балкан, и определена е милијарда евра зa ублажување на последиците на енергетската криза – 500 милиони ќе бидат определени зa заедничка регионална поддршка – ја пренесе „Вјести“ изјавата на црногорската министерка за европски прашања, Joвана Маровиќ.
Од ова не може да се заклучи колку поединечно ќе добие секоја од земјите на западнобалканската шесторка, па се очекува деталите да ги соопшти токму претседателката на ЕК.
– Криза без преседан бара и акција без преседан, и ние ќе бидеме покрај нашите партнери од Зaпаден Балкан – порача минатата недела еврокомесарот Оливер Вархеји.
Тој објасни дека преку Европскиот инвестициски план ќе се помага во решавањето на моменталните краткорочни и среднорочни потреби нa Западен Балкан. А како уште една потврда на засилениот европски ангажман кон регионот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, соопшти дека следниот самит ЕУ – Западен Балкан ќе се одржи на 6 декември во Тирана.

Подготвил: Марјан Велевски