Министерството за внатрешни работи (МВР) со фотографија и опис ја објави Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на Македонија.
– Ѓорчевска Вања, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ „Песталоци“ во општина Центар Скопје – се вели во соопштението на МВР.
Во прилог е даден и опис на девојчето.
– Висина 175 сантиметри, тежина 58 килограми, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „ајфон“ – стои во описот.
МВР интензивно трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје откога вчера, во 8.35 часот, мајка ѝ пријавила дека е исчезната.
Мајката на исчезнатото девојче, Зорица Ѓорчевска за „Макфакс“ изјави дека полицијата ги прегледувала и сигурносните камери во регионот и сите достапни материјали и докази што би можеле да помогнат во пронаоѓање на нејзината ќерка.
Полицијата апелира и да не се шират дезинформации и дека постојано ќе ја информира јавноста сè до пронаоѓање на малолетничката.