Фото: Макфакс

Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за условен отпуст на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, со која тој ќе излезе од КПД Струга на 25 декември годинава, а условниот отпуст му се смета до 25 април 2025 година.

Одлуката на Кривичен следува откако Апелациониот суд Скопје изминатиот месец ја прифати жалбата на Мијалков, и го врати предметот „Империја“ пред Кривичен, за тој повторно да одлучи за барањето за условен отпуст на Мијалков.

Уважувањето на жалбата на осудениот Сашо Мијалков, пак, доаѓа откако претходно предлогот на директорот на Казнено-поправниот дом Струга за условен отпуст на осудениот беше одбиен како неоснован.

– Кривичниот совет при одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог на Директорот на КПД Струга за условен отпуст на осудениот С.М., по одржана јавна седница, прибавена и разгледана целосна документација согласно напатствијата на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое го Уважи предлогот на Директорот на казнено поправната установа – стои во денешното соопштение од Кривичен суд.

Оттаму дополнуваат дека против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.

Мијалков издржува казна во затворот во Струга, откако по признанието на вина беше осуден на три години затвор во предметот „Империја“.