Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта и други објекти во Скопје, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
-Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави – информираат од МВР.
Во СВР Скопје денеска околу 9:30 часот било пријавено дека на електронска адреса на седум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Закани за поставени бомби пристигнале и за неколку трговски центри.
Веднаш по добиената пријава, преземени се мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Исто така, пријавено е дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа и во ТЦ Ист Гејт, ТЦ Бисер, Транспортен центар, Флатрон и ПС Центар. Веднаш се преземени неопходните мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Ова е втора дојава за бомби во училишта и институции во Скопје оваа недела. Во вторникот закани по меил добија девет средни училишта и Народна банка, за кои по полициската проверка беше утрдено дека биле лажни.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека серијата дојави до скопските училишта и институции во изминатиот период се класичен пример за хибридни закани и оти се води истрага.