Фото: Принтскрин

Ракети и гранати беа истрелани врз позициите на украинската армија во источниот дел од Бахмут, по што уследи пробив на руската пешадија, додека Украинците одговараа со митралези и гранати. Ваквите ситуациии на фронтот се повторуваат во изминатите неколку дена во регионот Донецк, каде што битките почнаа во мај, а се засилија во август, како и во изминатите две недели. А линијата на фронтот, сепак, речиси и да не се помести во изминатите седум месеци, додека двете страни се борат за неколку метри од територија, пишува „Фајненшл тајмс“.

– Пекол. Ова е пекол – кратко порача офицер на украинската армија што барал да остане анонимен, во изјава за британскиот весник.

Украинските војници го опишуваат интензитетот на војувањето околу Бахмут, како посилен во однос на нивното искуство од другите делови на Украина во текот на војната.

– Се води жесток судир, секој метар е важен – кажа украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посета на трупите сместени на околу 40 километри од Бахмут.

Киев и Москва молчат околу жртвите во близина на Бахмут, но извесно е дека двете страни трпат големи загуби, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Во прилог на одбраната на Бахмут оди и студената зима, иако руските сили успеале да навлезат во источните делови на градот.

– Земјата е студена и тврда, па дури и доколку руските сили заземат нови позиции, тие имаат потешкотии да ископаат ровови за да се засолнат од нашите контранапади, па мораат да се повлечат – посочи портпаролката на украинската армија Лидија Василенко.

Украина успеа да врати делови од територијата на истокот од државата, но американските власти очекуваат зимата да го забави војувањето додека двете страни заземаат позиции во тешкиот каллив терен.

– Мислам дека главната разлика е што украинските трупи се подобро опремени да се справат со условите. Но, на Украина веројатно ќе ѝ биде потешко да продолжи со офанзивни дејствија, додека изгледа дека руската армија главно е подготвена да се брани – смета Мајкл Кофман, експерт за руската армија во тинк-тенкот „Си-ен-еј“.

Студените зими беа во корист на Москва во минатото, помагајќи ѝ да се справи со налетите на Наполеон Бонапарта и со силите на Адолф Хитлер, со што станаа познати под прекарот „генерал студ“ или „генерал зима“. Во во Украина, Русија се соочува со противник навикнат на зимските услови, додека аналитичарите очекуваат студот да различно да влијае врз двете армии, според „Форин полиси“.