Фото: Маја Јаневска-Илиева

Веројатно би било многу полесно да се наведат местата во возилата или на човечкото тело каде што никогаш НЕ било пронајдено ништо. Во разговор со десетици царински службеници, тие ни откриваат дека пронашле шверцувана стока во чевли, чорапи, специјални појаси околу половината, телесни шуплини, перници и облека што ја носеле патниците

ШВЕРЦЕРСКАТА ИНОВАТИВНОСТ КАКО ПОВОД ЗА КРАТОК НОВИНАРСКИ ОСВРТ

Тегли со крем, бебешки пелени, чевли, закачалки, резервоар за гориво, детергент, зачини – ова се само дел од „креативните“ идеи на шверцерите за криење дрога. Не толку одамна, јавноста беше шокирана од обидот на вработен во брза помош да пренесе дури три килограми марихуана заедно со пациент во службено возило во соседна Србија. Возачот на брзата помош С.П. беше уапсен откако полициска патрола го пресретнала на магистралниот пат Нови Пазар – Рашка, каде што по детален преглед на неговото возило биле пронајдени три килограми марихуана.
Она што било уште поголем шок за полицајците бил фактот што вработениот во брзата помош во моментот кога бил уапсен бил на своето работно место. Тој возел пациент на пат кон Белград.
– Полицајците добиле дојава дека во тоа возило за прва помош има дрога. Организирана била акција, возачот на брзата помош бил пресретнат на патот и се покажало дека пријавата е точна – вели извор за медиум, кој е добро запознаен со случајот.
Ова не е прв ниту последен инвентивен случај на обиди за шверц на наркотици.
Специјално изградените простори, познати како „бункери“, во камиони, автобуси и автомобили најчесто се користат за нелегален пренос на стока. Освен тоа, се користат и торби со личен багаж, а шверцерите понекогаш одат и чекор подалеку и се обидуваат преку граница да пренесат нелегална стока, претежно дрога во кутии и тегли со храна, оригинални пакувања со детергент, бисквити, чај и сокови.
Покрај наркотици, шверцерите се обидуваат да превезуваат акцизна стока, наркотици, девизи, злато и вредни предмети, но и текстил, лекови, додатоци во исхраната, технологија и козметика.
Веројатно би било многу полесно да се наведат местата во возилата или на човечкото тело каде што никогаш не било пронајдено ништо, бидејќи цариниците откриле шверцувана стока во чевли, чорапи, специјални појаси околу половината, телесни шуплини, перници и облека што ја носеле патниците.

МАКЕДОНЕЦОТ ШТО ЈА НАТОПИЛ ОБЛЕКАТА ВО КОКАИН

Во јавноста големо внимание беше посветено и на случајот кога педесет и едногодишен Македонец се обидел да пренесе наркотици во личниот багаж, но во течна форма. Тој тогаш им го привлекол вниманието на цариниците на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград поради дестинацијата од која дошол, од Еквадор, преку Амстердам, а кога го отворил куферот, виделе дека гардеробата е влажна и почувствувале дека мириса необично.
На скенерот бил издвоен сомнителниот багаж, а сигнал дека нешто не е во ред биле необичната боја на облеката спакувана во куферот и необичната тежина на багажот, поради што царинските службеници решиле да извршат детален преглед.
Упатените во оваа проблематика, на новинарите им посочиле дека на овој начин може да се транспортира килограм кокаин во капути или дебели џемпери, само во еден куфер.
Според експертите, по пристигнувањето на зацртаната дестинација, шверцерите ја извлекуваат дрогата од натопената облека. Како што велат, постојат неколку начини, па дури и перење во специјални машини, слични на оние во кои се перат алиштата, а потоа со специјален процес се прави да испари течноста и подоцна да се претвори во прашок.

Хашиш прелиен со крем

На 25 јули 2020 година, холандски државјанин од турска националност се обидел да прошверцува хашиш и марихуана во путер од кикиритки и крем на излезот од Србија, на преминот Градина.
Целиот случај бил откриен кога цариниците по деталниот преглед на „голф 6“ со холандски регистарски таблички решиле да ја проверат содржината на рачниот фрижидер во багажникот.
Веднаш штом го отвориле, цариниците виделе неколку тегли чија содржина решиле детално да ја прегледаат, бидејќи во текот на летото веќе биле откриени неколку обиди да се скрие дрога во крем.
Овој пат забранетата содржина била пронајдена и во тегла со путер од кикиритки, каде што патникот скрил седум грама марихуана. Потоа се проверувале теглите со кремот во кои во оригиналната содржина биле скриени снопови хашиш со вкупна тежина од 90 грама.

Екстази пронајдени во кутија со спортски додатоци во исхраната

Исто така, на преминот Градина, на 26.7.2020 година околу полноќ, пристигнале тројца патници од турска националност, кои од Германија се упатиле кон Турција.
Притоа во патната торба на еден од патниците (38), цариниците пронашле кутија со спортски додатоци во исхраната, но кога ја отвориле, наместо додатоците, пронашле розови таблети со ознака домино, за кои постоело основано сомневање дека се екстази.
Утврдено е дека се работи за вкупно 33 таблети, со вкупна тежина од 11,3 грама, кои веднаш ѝ биле предадени на полицијата за понатамошна надлежност.

Дрога во долна облека, а и во противпожарен апарат

На 28 јули 2020 година, кај двајца германски државјани во „ленд ровер“ со германски регистарски таблички, на преминот Градина биле пронајдени семки од марихуана.
Возачот (40) во џебот од кошулата криел метална кутија со наведените семки, по што царинските службеници извршиле претрес и во неговата долна облека пронашле друга кутија со епрувета полна со семки.
На 5 април годинава, 24-годишен маж бил уапсен во Белград, откако полицијата во неговиот автомобил пронашла 24 пакувања марихуана. Имено, дрогата била пронајдена во противпожарниот апарат што се наоѓал во неговиот автомобил. Осомничениот бил уапсен откако од своето возило извадил противпожарен апарат.