Илустрација / Фото: Архива

Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен охриѓанец, осомничен за кривично дело Тешка телесна повреда според член 131 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик, информираат од Јавно обвинителство.

-Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите „не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице – стои во информацијата од обвинителството.