Фото: Зоран Антовски

Една од најуникатните традиции за предавање на кумство од стариот на младиот кум е онаа во кичевското село Лавчани, каде што на втор ден Водици, популарно наречен женски Водици, младите кумови го примаат кумството од старите капејќи се во студените води на селските чешми. Традицијата е стара повеќе од еден век.

-Иако нашето село има мал број на постојани жители, сепак и денес за големиот верски празник Богојавление, Водици, во селото се враќаат сите негови жители кои живеат во земјава и странство. Нашето село, своевремено со педесетина куќи, има дури 17 водичарски крстови кои и денес се примопредаваат на ист начин. Токму овој чин е нешто по што не издвојува, бидејќи младите кумови на вториот ден од Водици кумството го примаат со капење во студените води од коритата на селските чешми, традиција која и денес живее – вели Младен Ванчоски, жител на селото.

Фото: Зоран Антовски

Тој го опиша обичајот при ова примање на кумството.

-Најпрво младите кумови со котлињата со осветена вода играат крај коритата од селските чешми, подржани од музички оркестар од селото. Потоа сите влегуваат во водата во селските чешми што означува нивното примање на кумството, а потоа се упатуваат во црковната трпезарија да го прослават кумството со топла ракија и мезе – додава Ванчоски.

Тој потсети дека овој обичај може да се забележи и надвор од границите на Македонија. Пред неколку години на овој ден во селото била присутни Јохана Рехас, професорка од Краков, Полска, а потоа и професорка од Будимпешта, Унгарија.

Еден од младите кумови во Лавчани годинава беше и скулпторот Слободан Милошески.