Сем Бенкмен-Фрид најчесто спиеше на вреќа на подот. Поудобно му беше од спиење на кревет. Едноставно, тој живееше во својата канцеларија. Понекогаш одеше да се тушира дома, а потоа се враќаше на работа. Тоа беше единствената вежба што можеше да ја направи. Возеше стара „тојота“ и омилена работа му беше да поминува време во разни друштвени игри… Токму вака пишуваа американските медиуми за сега веќе пропаднатиот бизнисмен кога се слушна за успехот на неговата компанија и за заработените милијарди
Вистинска приказна за една од најголемите криптоизмами на сите времиња
Деновиве светските медиуми повторно им посветуваат големо внимание на Сем Бенкмен-Фрид и на неговите партнери. Нивниот пад беше колосален. Бенкмен-Фрид најверојатно ќе го помине остатокот од својот живот зад решетки поради неговата криптоизмама… Тој беше прогласен за виновен на суд по сите седум точки од обвинението за измама и заговор, ќе биде осуден во март 2024 година. „Њујорк тајмс“ пишува дека може да добие и до сто години затвор…
Како започна измамата…
И кога за неколку години Холивуд ќе реши да објави филм за Сем Бенкмен-Фрид (СБФ), неговото чудно друштво, ненадејниот пораст и уште побрз пад, верувајте дека, кога ќе го направат, тој наслов ќе стане светски хит.
Сем Бенкмен-Фрид до пред околу една година ја носеше титулата криптокрал, а неговото богатство на врвот беше проценето на неверојатни 26,5 милијарди долари. Тој одржуваше панели со Бил Клинтон и со Тони Блер, се дружеше на забави со Леонардо ди Каприо, Кети Пери, Џеф Безос, Шекил О’Нил… Го живееше животот од соништата. Со девет свои најблиски пријатели соработници, тој живееше на Бахамите во вила вредна 40 милиони долари, од каде што ги водеше својата криптоимперија и компанијата ФТХ (FTX).
„Форчн“, „Форбс“, „Фајнаншел ривју“… кој било деловен магазин да го купевте минатата година, овој 31-годишен човек, во кратки панталони и со темна качулка, се насмевнуваше од насловната страница.
„Крипто Робин Худ“
„Денес тој вреди 26 милијарди долари, но додека да го прочитате овој напис, неговата вредност може да порасне на 30 милијарди. Сем Бенкмен-Фрид е неверојатно страстен во својата работа. Фрид бараше проблем за решавање и создаде супериорен производ што го прави токму тоа. Тој е неверојатно грижлив за своите клиенти. Многумина го споредуваат со Марк Закерберг, но тој ја води својата компанија на многу потранспарентен начин. А целта не му е да се збогати, туку да заработи што повеќе за да може да донира што е можно повеќе“, пишуваа американските медиуми пофалби за Сем Бенкмен-Фрид.
„Тој е како крипто Робин Худ. Ги тепа богатите во нивната сопствена игра“, пишуваше на почетокот на годината „Блумберг“ за овој тогаш 30-годишник.
Сем Бенкмен-Фрид, роден во 1992 година во кампусот Стенфорд, каде што го учеле неговата мајка и татко, не планирал кариера во светот на крипто и прекумерното богатство. Ниту, според неговите сопствени изјави, знаел што се криптовалути кога влегол во бизнисот. Откако дипломирал на МИТ, размислувал да стане професор. Но поради „ефективниот алтруизам“, движење што размислува за максимизирање на секоја донација со избирање на вистинската хуманитарна организација, тој се премислува и влегува во светот на бизнисот. Барем вели дека тоа било причината. Нема желба за сопствено богатство.
Во неколку интервјуа и настапи тој ги објасни целите на тоа движење. Во основа, тој планирал да заработи што повеќе пари за да може да ги подели за потребите на светот. Така јавно го презентираше тоа. Не е дека не донирал во хуманитарни цели, но на крајот дал многу повеќе пари на политичари и разни ѕвезди за реклами.
Откако го завршил факултетот, каде што поголемиот дел од слободното време го поминувал играјќи разни друштвени и компјутерски игри, се вработил во „Џејн стрит капитал“, каде што се занимавал со инвестиции. Таму поминал три години пред да се пресели во „Беркли“ и да основа сопствена компанија, намерно бенигно наречено истражување „Аламеда“, кое ќе се занимава со „квантитативно тргување“. Во принцип, со помош на различни алгоритми, барале поволни можности за тргување. Тој го направи тоа затоа што забележал или сфатил дека може да се свртат големи пари во светот на крипто. Незамисливо огромна сума на пари.
Лесна измама
Сем Бенкмен-Фрид всушност парите од своите активности ги нарекуваше нуспроизвод. Тој заработуваше на разликата на побарувачката за крипто во зависност од географската локација, од варирањето на цената. Како што велеше тој, потребно е само да се пронајдат вистинските пазари за успех. Земете биткоин по цена од САД и испратете го во Јапонија, каде што цените се повисоки. Тоа беше нивната специјализација.
– Купувајте евтино и продавајте поскапо. Тоа е тоа – објасни накратко тој на почетокот на кариерата.
Во компанијата инвестираа само блиски пријатели од МИТ и „Џејн капитал“, имаше многу работа и уште повеќе пари. Наскоро, дневниот профит почна да надминува милион долари. Но тој не беше целосно задоволен. Или беше алчен. Не е ни важно сега. Во основа, тој ја основа криптоберзата ФТХ, која во следните години ќе стане еден од водечките светски играчи во таа област.
Берзата, ако бидеме искрени, еден вид обложувачница, каде што доаѓате со вистински пари, а потоа купувате и се обложувате на успехот на разни криптовалути, се покажа како голем хит во светот. Особено за време на пандемијата, кога некои луѓе не знаеја што да прават со своите пари, а секој ден луѓето пишуваа за криптото како иднина на светската финансиска структура на социјалните мрежи.
Бахамите се избрани за седиште на новата компанија ФТХ, бидејќи тоа што го прават во САД е главно нелегално.
– Сем Бенкмен-Фрид најчесто спие на вреќа на подот. Поудобно му е од креветот. Тој живее во неговата канцеларија. Понекогаш оди да се тушира дома, а потоа се враќа на работа. Тоа е единствената вежба што може да ја направи. Вози стара „тојота“ и омилена работа му е да поминува време во разни друштвени игри – пишуваа американските медиуми за сега веќе пропаднатиот бизнисмен кога се слушна за успехот на неговата компанија и за заработените милијарди.
Веган што не се тушира
Овој веган, кого некои колеги од факултет го навредувале велејќи му дека ретко се тушира, дека си забранува врски за да биде попродуктивен, дека носи валкана облека…, сфатил дека може да ги искористи својата несмасност, неубавост и чуден изглед. Тој многу добро знаеше дека има уште милиони осамени лица во светот што личат на него и кои како него мислат дека се премногу добри за општествените норми… А кој не би сакал да биде валкан богаташ како него и да им покажува на другите дека згрешиле кога го исмевале….
– Кога почнаа да доаѓаат барањата за интервјуа и гостувања, му реков: „Човеку, треба да се исправиш. Скрати ја косата“. Тој кратко ми одговори: „Тоа би било негативно за мене. Важно ми е луѓето да мислат дека изгледам како лудак“ – изјави неговиот поранешен колега Енди Кроган.
И тоа функционираше. Медиумите не можеа да се наситат од Сем Бенкмен-Фрид. Тој беше постојан гостин во емисиите, објаснувајќи им на луѓето што се криптовалути, како безбедно да тргуваат со нив, кои се предностите и недостатоците на пазарот. Тој дури се залагаше за поголема регулација на пазарот.
– Наскоро ја прифативме стратегијата на Сем. Договараше да дојдат важни гости и инвеститори во нивните простории во време кога Сем спиеше во вреќата. Ќе се погрижеше гостите да го видат како спие таму. Во одреден момент Сем ќе влезеше на состанок во шорцеви. Нашата цел беше да создадеме некаква мистика околу него. Тој намерно доаѓаше на важни состаноци во кратки панталони- изјави Кроган за „Блумберг“.
И додека американските медиуми го славеа секој негов потег, споменуваа дека игра игри за време на состаноците, дека има дамки од сос на себе додека потпишува договори вредни милијарди долари, Фрид сѐ повеќе се однесуваше како проповедник.
Безос, Шек, Ди Каприо, Брејди…
– Искрено, брзо останувате без ефективни начини да се израдувате со купување работи. Не ми треба јахта и не сакам. Не гледам никаква смисла да купувам работи – изјави поранешниот мултимилијардер Сем.
Иако велеше дека „не е негова работа“, со текот на времето сѐ почесто го гледавме на мегазабавите на богатите и славните. Доби карта за тој свет и се дружеше со познати лица.
– Супербоулот го гледаше од првиот ред, веднаш до Стеф Кари, кој е промотор на ФТХ. Потоа заврши на ручек со легендарниот Шекил О’Нил, а потоа пејачката Сиа го покани на вечера со Џеф Безос и Леонардо ди Каприо. На таа забава, Кејт Хадсон ја пееше американската национална химна, а Фрид разговараше за криптовалутите од далечина со пејачката Кети Пери. Следниот ден на социјалните мрежи, каде што има 200 милиони следбеници, објави дека се откажува од светот на пеењето и започнува практикантска работа во ФТХ – ова е известувањето од светските медиуми за „просечниот“ викенд на криптокралот.
Во меѓувреме тој купува влијание во нивниот свет што „не е за него“. Тој одвои 30 милиони долари за рекламата за Супербоул со Лери Дејвид. За правата на името на салатата на Мајами хит за период од 19 години дал околу 140 милиони долари. Во 2021 година станува спонзор на тимот на Мерцедес во Формула 1. Тој се зближува со политичарите, од кои повеќето не разбираат како функционира криптосветот. Тие знаат само дека треба подобро да го регулираат. И Фрид делумно се согласува и дава идеи како да се направи тоа. Плус донира пари за хуманитарни цели.
Иако тврдеше дека со политичките донации не се купува влијание во светот на политиката, туку тоа го прави за подобра иднина, во американскиот изборен циклус 2021/2022 година тој беше вториот најголем донатор на демократите, веднаш по Џорџ Сорос, со речиси 40 милиони долари. Тој му „помогна“ на Џо Бајден со донација од пет милиони долари.
Ѝ веруваше на Каролина
Единствените што навистина го познаваат, може да се заклучи, се неговите цимери од Бахамите. А „главните“ се коосновачот на ФТХ, Гери Ванг, пријателот на неговиот помлад брат и поранешен инженер на „Фејсбук“, Нишад Син, и неговата поранешна колешка и поранешна девојка, која ја регрутира во неговата фирма „Аламеда“ во 2018 година, Каролина Елисон. Таа компанија делеше вила на Бахамите и често меѓу себе влегуваа во романтични врски. Некако како невнимателно дружење по работа.
Сем толку многу ѝ веруваше на Каролина што набрзо ја постави за директорка на „Аламеда“. Таа го немала потребното искуство за тоа, не била ни запознаена со тој свет, но сепак во интервјуата се фалела дека не ѝ треба напредната математика што ја учела на универзитет за да управува со таа компанија. „Важно е само да си во ред со ризични влогови“, се пофали во едно интервју оваа дама, која вели дека е опседната со светот на Хари Потер.
Како падна сето тоа
Најголемиот ривал на Сем е шефот на „Бајнанс“, друга криптоберза, Чангпенг Зао, познат само по иницијалите Ч.З. Тие беа деловни партнери некое време, Ч.З. имаше удел во компаниите на СБФ, кои подоцна ги купи за околу две милијарди долари (ги продаде за околу 100 милиони). Во последниот период, Зао и Сем имаа несогласување за нивните ставови за иднината на криптовалутите. Сем се залагаше за поголеми регулативи, кои секако ќе помогнеше да се обликуваат, што не им одговараше на Зао и остатокот од тимот. Тие го сметаа тоа за предавство на самата идеја. Бидејќи крипто не е нешто што треба да биде контролирано од властите.
Прво, специјализираниот портал „Коин деск“ објави анализа што покажува дека „Аламеда“ го заснова билансот на состојба на средствата што ги држи во токенот FTT (токен на ФТХ). Настана мала паника, но Бенкмен-Фрид веднаш почна да ја смирува јавноста со најави дека сѐ е во ред.
И доаѓаме до клучниот твит на Зао на 6 ноември минатата година што предизвика целосен колапс во светот на крипто. Тој известува дека одлучил да ги продаде сите свои FTT во вредност од 529 милиони долари. Настануваат распродажба и паника и конечно тоа доведува до ситуација на несолвентност на ФТХ. Биткоинот губи 15-20 проценти од својата вредност, другите валути до 50 проценти.
„Бајнанс“ известува дека ќе купи конкурентска компанија, но потоа се откажува од планот бидејќи „откриле голем број неправилности“. ФТХ прогласува банкрот на 11 ноември 2022 година, зема околу сто компании со себе, а Сем се повлекува од позицијата извршен директор. Тој веќе не е ни милијардер. Никој не успеа да изгуби толкава сума пари побрзо од него. Беше откриено дека тој користел сопствени токени како колатерал за заеми за финансирање на проширувањето на бизнисот. Понзи-шема, но со модерен пресврт. Инвеститорите немаат идеја дали некогаш повторно ќе ги видат своите пари. Поднесена е и тужба во која се опфатени сите познати личности што му помогнале да ја промовира размената. Но, како што пишува во рекламите, тоа не е сѐ!
„Жал ми е за оние што се излажаа“
ФТХ ѝ позајми на другата фирма „Аламеда“ милијарди долари без знаење на своите клиенти, а во тој процес исчезнаа околу две милијарди долари! СБФ ја обвини „Аламеда“, односно нејзината сестринска компанија, управувана од неговата љубовница, дека ги „коцкала“ тие пари. Но, нејасно е како мислеше дека имаат доволно да се „покријат“.
– Целата операција ја водеа деца на Бахамите. Можеби не било паметно да им се доверат милијарди – рекол еден од „инсајдерите“.
Во најголем дел другите вработени, освен избраниот бахамски круг, немаа поим што прават нивните шефови. Тие биле шокирани кога дознале дека компанијата пропаднала.
СБФ подоцна стави на продажба куќа на Бахамите за 40 милиони долари.
„Сатана во облека на ангел“, напиша подоцна „Форбс“ за овој млад човек, кој неговите колеги го опишуваат како „добар диктатор“.