Името на аеродромот во Дубровник ги потпали националните страсти во Хрватска и Србија / Фото: Фејсбук

Британски „Гардијан“ деновиве објави текст со наслов „Турбуленции на Балканот поради преименувањето на аеродромот во Дубровник“. Во него се пренесуваат историски податоци за животот и потеклото на познатиот научник од 18 век

На Балканот нов спор со етнички призвук меѓу Хрватска и Србија

Од 2 ноември аеродромот во Дубровник го носи името на дубровничкиот и хрватскиот научник, математичар, астроном, геодет, физичар, но и поет, филозоф и католички свештеник Руѓер Бошковиќ. Идејата аеродромот во Дубровник да го носи името на тој великан е иницирана од жупанот на Дубровник-Неретва, Никола Доброславиќ.
– Уште во 2011 година, кога ја прославивме 300-годишнината од раѓањето на Руѓер Бошковиќ, инициравме промена на името на аеродромот за уште еднаш, симболично, да му оддадеме почит и да му се заблагодариме на овој наш голем човек со светска слава. Можеби тоа не е доволно, со оглед на сите негови достигнувања што донесоа долгови, можеме да кажеме дури и за светот. Ова е начин дополнително да се истакнат достигнувањата на овој наш одличен научник и да се покаже и докаже неговата важност за нашата жупанија, но и за Република Хрватска – истакна Доброславиќ.
Но како што вообичаено се случува на овие наши простори, ваквиот чин не мина без проблеми, па за тоа мораа да се заинтересираат и европските медиуми. Промената на името на аеродромот во Дубровник предизвика нов етнички спор меѓу Хрватите и Србите, овој пат за потеклото Руѓер Бошковиќ, астрономот, математичар и полимат од 18 век, пишува британски „Гардијан“, повикувајќи се на несогласувањата околу етничката припадност на познатиот научник. Угледниот британски весник деновиве објави текст со наслов „Турбуленции на Балканот поради преименувањето на аеродромот во Дубровник“. Во него се пренесуваат историски податоци за животот и потеклото на познатиот научник. Тој, според пишувањето на весникот, кај Италијанците бил познат како Руџеро Џузепе Боскович, или на англиски како Роџер Џозеф Боскович, и се сметал за истражувач на природните сили и за претходник на атомската теорија.
Дубровник бил познат под името Рагуза, кога Бошковиќ бил роден во 1711 година. Неговата мајка била Италијанка, а на 14-годишна возраст заминал во Рим да го продолжи своето образование.

– Но сега се доведуваат во прашање идентитетот и потеклото на неговиот татко. Определувањето на местото на луѓето е трнлива работа на Балканот, каде што искажувањето на идентитетот може да биде и променливо и многу емотивно. Генерално, религиозните определби од пред неколку века се зацврстија во етничкиот идентитет: католиците во Хрвати, православните во Срби и босанските муслимани во Бошњаци – објаснува авторот на текстот Џулијан Боргер.
Таткото на Руѓер, Никола Бошковиќ, бил дубровнички трговец од селото Орахов Дол, во планините што се надвиснуваат над Дубровник. Тоа село сега се наоѓа во Република Српска, ентитет во Босна и Херцеговина, претежно населен со етнички Срби.
– Сепаратистичките лидери на тој ентитет сакаат да го изградат својот аеродром во Требиње, недалеку од Орахов Дол, и сакаат да го именуваат по Руѓер Бошковиќ. Нивниот аргумент е дека Никола Бошковиќ и неговата лоза биле Срби пред да преминат во католицизам -додава Боргер.
Српските научници тврдат дека преобраќањето на Никола било направено за да може да се „ожени во католичко семејство“ во Дубровник или да ја продолжи својата кариера и затоа не го променил суштинскиот српски идентитет на семејството.
Поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ го опиша Бошковиќ како „српски католик“.
Данило Ковач, историчар од универзитетот „Сапиенца“ во Рим, изјави за „Гардијан“ дека кога се разгледува прашањето за етничкото потекло на Бошковиќ, „клучно е да се препознае дека концептот на национален идентитет имал различни значења во времето на неговите предци“. Осврнувајќи се на делата на српските и црногорските научници што тврдат дека семејството во суштина било српско, тој додава дека „историските записи несомнено потврдуваат дека Никола ги посетил и опишал српските православни цркви и манастири на Косово“.
Иван Маслаќ, комерцијален директор на аеродромот во Дубровник, ги отфрла таквите тврдења.

– Именувањето на аеродромот е наша работа и, се разбира, нема да прашаме никого за тоа – вели тој и додава дека „Руѓер Бошковиќ не е Србин“.
Домагој Видовиќ од Институтот за хрватски јазик и лингвистика, кој го истражувал Орахов Дол, вели дека вујко на Руѓер Бошковиќ бил католичкиот свештеник дон Илија Бошковиќ.
– Во Орахов Дол до почетокот на 20 век не живеел ниту еден православен. Католичкото потекло на Бошковиќ датира над 400 години. За тоа има докази во епархиските извештаи, регистрите и пописите на населението – вели Домагој Видовиќ.
Тензиите околу потеклото на прославените поранешни жители од Балканот не се ништо ново. Во текстот на „Гардијан“ се споменува дека во 2006 година, Србија го именува белградскиот аеродром по Никола Тесла, легендарниот научник и татко на електротехниката. Тесла бил Србин по националност, роден во селото Смиљан, кое тогаш, во средината на 19 век, било на воената граница на Австро-Унгарија и денешна Хрватска.
– Иако едвај стапнал во денешна Србија, Белград го смета Тесла за свој. Неговата пепел се наоѓа во музеј во Белград, а Српската православна црква води кампања за нивно преместување во црквата, и покрај неговото одвоено гледиште за верата. Србија жестоко протестираше кога Хрватска го стави неговиот лик на монетите од 50, 20 и 10 центи кога влезе во еврозоната на почетокот на годината – потсетува Боргер.
Тогаш Народната банка на Србија „обвини“ дека Загреб го „узурпира културното и научното наследство на српскиот народ“. „Еднакво сум горд на моето српско потекло и на мојата хрватска татковина. Да живеат сите Југословени“, рекол наводно Никола Тесла, изјава што се цитира на крајот во текстот на „Гардијан“.

Од нашиот дописник Ангел Митревски од Хрватска