Подготвил: Митко Јовановски

Невообичаена поделба на граѓаните во Северна Ирска

Војната на Израел против Хамас во Појасот Газа го подели светот, слично како и украинската, на две сосема спротивни страни. Оние што се априори за Израел или Палестинците и, обратно, оние што се против едните или другите.
Оваа поделеност на граѓаните е изразена и во Северна Ирска, која е илјадници километри оддалечена од Газа и Блискиот Исток. Поделеноста меѓу ирските приврзаници за едната или другата страна можат да се видат на улиците во оваа проблематична британска провинција.
Палестинските и израелските знамиња се веат во проирските и пробританските населби во Северна Ирска, која има „богата“ сопствена историја на конфликти и поделби, кои сè уште влијаат на секојдневниот живот и покрај мировниот договор од 1998 година.
Знамињата, графитите и муралите покажуваат поддршка за Палестинците или за Израел, во зависност од која страна на улицата се. На Фолс роуд, главна артерија во главно проирските западни квартови на Белфаст, Пат Шихан, пратеник на Шин Фејн, поранешното политичко крило на ИРА, објаснува дека локалните жители чувствуваат емпатија за Палестинците.

– Ако има некоја нација што може да ги разбере тешкотиите со кои живеат Палестинците сега, тоа се Ирците – вели Шихан за АФП од пред свежо насликаниот пропалестински мурал.
На церемонијата пред две недели, Шихан откри мурал на кој пишува „Слободна Палестина“, со стисната тупаница во палестински и ирски бои.
– Ирска страдаше под колонијална окупација 800 години, имаше многу оружени востанија против британската власт и гледаме како Палестинците страдаат во слична ситуација – додаде тој.
Палестинските знамиња долго време се веат во прорепубликанските области, но нивниот број драстично се зголеми во последните недели. Во близината на таканаречената мировна линија, една од многуте бетонски и метални бариери што ги делат населбите во Белфаст дури и 25 години по мировниот договор, пробританската област на патот Шанкил сега е украсена со израелски знамиња. Брајан Кингстон, пратеник на најголемата пробританска партија, ДУП, рече дека унионистичката заедница ја разбира израелската кауза многу години.
– Гледаме дека Израел ужасно страдаше од тероризам во текот на годините исто како нас – рече Кингстон, кој некогаш беше градоначалник на Белфаст.
Претходно, Кингстон присуствуваше на 30-годишнината од бомбардирањето на ИРА врз продавница за риби и компирчиња на Шанкил роуд во која загинаа девет лица.
– ИРА и ПЛО, организација за ослободување на Палестина, соработуваа во меѓународниот тероризам – рече тој.
ПЛО е основана во 1964 година и нејзиното воено крило ги напаѓаше териториите на Израелците, пред двете страни да потпишат мировен договор во 1993 година.
Ронит Бергер Хобсон, професорка со израелско потекло на универзитетот „Квин“ во Белфаст, почнала да го истражува мировниот процес во Северна Ирска за да дознае како може тој да се примени потенцијално на израелско-палестинскиот конфликт.
Хобсон рече дека северноирското покажување солидарност веројатно произлегува од повлекувањето погрешни паралели со израелско-палестинскиот конфликт.
– Конфликтите се многу покомплицирани. Како што овој овде се враќа со векови наназад, така е и во оној меѓу Израелците и Палестинците, но на многу различни начини – вели Хобсон.