Не само во Европа туку и Македонија има доста сериозен проблем со изразен говор на омраза. Независно дали станува збор за деца, млади или возрасни и стари лица, експертите тврдат дека „говорот на омраза мотивира голем број кривични и насилни дела што се рефлектираат во општеството“. Независно дали станува збор за говор на омраза помеѓу ученици или, пак, тој е насочен кон естрадни уметници, етнички групи итн., социјалните мрежи се преполни со навреди. Тоа што се случува на моменти на социјалните мрежи е и застрашувачко, бидејќи овие термини не ги употребуваат само возрасни туку и млади лица, па и малолетници. Последен во низата сериозни проблеми поврзани со говор на омраза во земјава е војната помеѓу Русија и Украина, која драстично го подели населението

ПОЈАВАТА НА СЀ ПОЧЕСТИ И ПОЕКСПЛИЦИТНИ НАВРЕДИ И ОМАЛОВАЖУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ЕВРОПОЛ ЈА ТРЕТИРА КАКО ТЕЖОК ПРОБЛЕМ

Говорот на омраза е можеби еден од најзачестените начини на социјална деградација на личноста и колективот, било да се однесува на поединецот/колективот кон кого е упатен говор на омраза или, пак, на оној што ја упатува, бидејќи говорот на омраза дејствува деструктивно и на оној што го практикува…
Независно дали станува збор за деца, млади или возрасни и стари лица, експертите тврдат дека „говорот на омраза мотивира голем број кривични и насилни дела што се рефлектираат во општеството“. Овој вид криминал е еден од оние што се најтешки за детекција, особено на социјалните мрежи, каде што врие од лажни профили што повикуваат на линч и презентираат застрашувачки идеи за одмазда на оние што не им се допаѓаат.

ЕВРОПОЛ ВО КООРДИНИРАНА ОПЕРАЦИЈА НАСОЧЕНА КОН ОТКРИВАЊЕ РАСИСТИЧКИ И КСЕНОФОБИЧЕН ГОВОР НА ОМРАЗА

Говорот на омраза тропна и на вратите на Европол, односно европската полициска организација започна со справување и со овој вид криминал, чија детекција е особено тешка.
Европол реализира акција за справување со криминалот од омраза. Оваа акција беше поддржана од страна на Европскиот центар за борба против тероризмот (ECTC) на Европол, предводен од Франција, а беше насочена кон расистички и ксенофобичен говор на омраза и други злосторства од омраза на интернет и во реалниот свет. Операцијата се одржа во 11 земји.
На денот на акцијата, 7 април 2022 година, органите за спроведување на законот извршија рација на повеќе локации низ Европа и таргетираа 176 лица во врска со прекршоци како што се ширење расистички и ксенофобичен говор на омраза, повици на насилство и поттикнување на извршување прекршоци.
– Во Австрија, властите извршија 12 претреси на куќи, испрашаа осум лица и запленија електронски уреди, мобилни телефони, оружје и пропаганден материјал. Во меѓувреме, шпанските власти таргетираа пет лица и уапсија четворица од нив за ширење говор на омраза на интернет – информираа од Европол.
Акцијата вклучуваше и координирана активност за упатување насочена кон компонентата на онлајн говор на омраза од истражените случаи во Луксембург, Португалија и Шпанија. Тоа резултира со оценети 58 содржини на три платформи за упатување до давателите на онлајн услуги за нивно доброволно разгледување според нивните услови. Координираната акција беше насочена кон заедниците и поединците што користат различни типови содржини, како што се објави, коментари и „мемиња“ за ширење омраза и пропаганда преку интернет додека запленуваат компјутерски уреди и други докази.
Операцијата, која не целеше на конкретни организации или групи, имаше цел да го спречи ширењето на криминалот од омраза, расизам и ксенофобија преку интернет и офлајн. Спроведувањето на законот, исто така, работеше заедно на зголемување на свеста на поединци и групи дека интернетот не е правен вакуум. Наводната анонимност не го попречува спроведувањето на законот да преземе мерки против незаконски дејства; овој втор ден за заедничка акција за криминалот од омраза испраќа јасен сигнал до поединците што шират насилна омраза на интернет дека нивните дејства ќе бидат откриени и припишани.

ГОВОРОТ НА ОМРАЗА ВО ЗЕМЈАВА КАКО ТРЕНД СЕ КОПИРА ОД ЗАПАДОТ

И Македонија има доста сериозен проблем со говор на омраза. Независно дали станува збор за говор на омраза помеѓу ученици или, пак, тој е насочен кон естрадни уметници, политичари, политички партии, етнички групи, социјалните мрежи се преполни со навреди. Тоа што се случува на моменти на социјалните мрежи е и застрашувачко, бидејќи овие термини не ги употребуваат само возрасни туку и млади лица, па и малолетници.
Последен во низата сериозни проблеми поврзани со говор на омраза во земјава е војната помеѓу Русија и Украина, која драстично го подели населението. Едни се за Русија, други за Украина, па на социјалните мрежи буквално се води војна со зборови помеѓу симпатизерите. Тоа беше причина за Министерството за внатрешни работи да започне со следење и санкционирање на говорот на омраза поврзан со војната во Украина. Веќе се постапува по две кривични пријави за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Оттаму исто така апелираат да се внимава при јавното пишување, бидејќи одржувањето на нивото на јавна свест значи и грижа за она што навистина претставува јавен интерес.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одобрувањето или оправдувањето злосторства против човештвото, геноцид или убиство на цивили, строго се казнува според македонските закони.
За жал, ова не се први случаи на говор на омраза. Македонскиот народ отсекогаш бил склон кон ваков вид говор, па, така, како последица на македонско-бугарските односи беше забележан говор на омраза на социјалните мрежи, а слично е и со македонско-грчките односи.
Воопшто не е потребно ниту да се навлегува во меѓусебните навреди помеѓу македонската и албанската етничка заедница….

ПОСТРОГИ СТАНДАРДИ НА ФЕЈСБУК

Говорот на омраза на социјалните мрежи се покажува како огромен проблем, со катастрофални последици за општеството. Официјалната дефиниција на администраторите на „Фејсбук“ за говорот на омраза е: „Говорот на омраза го дефинираме како директен напад врз луѓето врз основа на она што го нарекуваме заштитени карактеристики – раса, етничка припадност, национално потекло, религија, сексуална ориентација, пол, родов идентитет и сериозна болест или попреченост“.
Иако од „Фејсбук“ тврдат дека содржините во кои е препознаен говор на омраза се отстрануваат од платформата, за жал тоа не се спроведува брзо во практика, бидејќи говорот на омраза е речиси невозможно да се потисне.
Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, во изминатиот период најави поригорозни системи и стандарди, како и побрза и понапредна технологија за отстранување и сузбивање на говорот на омраза од социјалните мрежи.
Во третиот квартал од 2019 година, отстранети се повеќе од 7 милиони објави со говор на омраза, што е за 59 отсто повеќе од бројот на отстранети објави во претходниот квартал. Идентификацијата на говорот на омраза сега претежно се врши преку вештачка интелигенција. Сепак, алгоритмите на „Фејсбук“ за препознавање говор на омраза функционираат на околу 40 светски јазици, за остатокот се потпира на модераторите на содржините и јавното известување за говор на омраза.