Фото: Игор Бансколиев

Во голем дел од наративите што го подгреваа НАТО-ентузијазмот во долгогодишниот период на чекање Македонија да стане полноправна членка беше нагласуван моментот дека „сѐ ќе биде поинаку кога ќе имаме свое постојано место во Алијансата, ќе бидеме рамноправни и ќе ги имаме еднакво сите правни инструменти за полесно да ги постигнеме нашите права“. Токму затоа во македонската јавност е создадена недоумица зошто како рамноправна членка на НАТО никој од Македонија не реагирал на промената на кодот, кој не е во согласност со Преспанскиот договор

Несоодветното именување на нашата држава е сензитивно прашање за македонската јавност

Промената на кодот на Македонија во НАТО, според новата одлука на Алијансата за шифрирање на земјите-членки и за партнерите, ја активира сензитивноста на македонската јавност за почитувањето на Преспанскиот договор од страна на меѓународните организации. НАТО-кодот за името на нашата држава е сменет, па наместо МКД, сега стојат само две букви – НМ (NM).
За оваа одлука наводно биле информирани и поранeшните министри на Министерството за одбрана, како и на Министерството за одбрана, Никола Димитров и Радмила Шекеринска, а до пред неколку дена оваа информација не ѝ беше позната на јавноста.
Новата одлука на НАТО пред неколку дена официјално е пристигната до македонските институции, а како што се вели во документот, Македонија во иднина треба да го користи скратеното име NM, како кратенка од North Macedonia. Во документот се вели дека шифрите од две букви се користат за сојузниците на НАТО, а шифрите со три букви се користат за партнерите на Алијансата. Со оваа листа се менуваат и кодовите за Бугарија и на Турција. Во документот се наведува дека листата со нови кодови е повеќе од техничка природа, кога „користењето на целосното име на државата е непрактично“, но кога станува збор за практикувањето на членството на Македонија во НАТО, тоа е директно поврзано со почитувањето на Преспанскиот договор, со кој е регулирано и користењето на кодовите на земјата во меѓународна употреба, дури и кога се работи за „технички и практични ситуации“. Особено што Преспанскиот договор со Грција беше првенствено наменет за да го овозможи пристапувањето на Македонија во НАТО.

Според членот 1, став 2, алинеја Д од Конечната спогодба меѓу Македонија и Грција, т.е. Преспанскиот договор се наведува дека кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).
– Менувањето на македонскиот меѓународен код во НАТО воопшто не е случајност, туку само почеток на процедурата што следува. Договорот од Нивици не обврзува никого освен нас, па, како што гледаме, не ја обврзува ниту Грција, а досегашниот наш код МК (МКД) не соодветствува со името на државата и ќе мора да се менува. Новото име на државата апсолутно повлекува нов меѓународен код, а во НАТО само е започната неизбежната процедура – ја оценува амбасадорот Ристо Никовски ситуацијата произлезена од промената на кодовите во НАТО.
Генералниот секретар на Евроатлантскиот совет на Македонија, Илија Џугуманов, е свесен дека нашето именување во НАТО, во која било форма, е сензитивно прашање за македонската јавност, поради сите жртви што требаше да ги направиме за да станеме членка на Алијансата. Но тој потенцира дека промената на кодовите во НАТО има опфатено повеќе земји-членки, а списокот важи за сите.
– На официјалната страница за кодификација на НАТО сѐ уште фигурира стариот список со кодните имиња на државите. Сепак извесно е дека дописот за промената на кодовите од нашата постојана делегација во НАТО, во Брисел, е официјален документ, иако на него нема потпис и печат. Оваа промена на кодовите ги засега сите земји-членки на Алијансата, како и партнерите, а Македонија не е исклучок. Кодирањето во НАТО не е поврзано со ИСО-стандардите и подлежи на правилата и политиките на Алијансата. Секоја меѓународна организација си има свои правила и кога се станува дел од неа, тие треба да се прифатат. Секако, за нас е сензитивно прашање нашето именување во НАТО, во која било форма, со оглед на сите жртви во однос на именувањето на државата што ги направивме за да станеме членка на Алијансата – вели Илија Џугуманов.

Во голем дел од наративите што го подгреваа НАТО-ентузијазмот во долгогодишниот период на чекање Македонија да стане полноправна членка беше нагласуван моментот дека „сѐ ќе биде поинаку кога ќе имаме свое постојано место во Алијансата, ќе бидеме рамноправни и ќе ги имаме еднакво сите правни инструменти за полесно да ги постигнеме нашите права“. Токму затоа во македонската јавност е создадена недоумица зошто како рамноправна членка на НАТО никој од Македонија не реагирал на промената на кодот, кој не е во согласност со Преспанскиот договор.
– Не е можно државниот врв и одговорните институции за комуникација со НАТО (односно Министерството за одбрана) да не биле навремено информирани за ваквата промена на кодовите во Алијансата. Имено, шифрите за пристап во НАТО на државните функционери од секоја земја-членка се поврзани со кодот на земјата. Прашање е зошто никој не реагирал, што укажува на незаинтересираност на државниот врв за заштита на она малку што ни остана од националниот идентитет пред меѓународните организации. А ги имаме сите инструменти за реакција, како на пример ветото, што нам постојано ни беше „плескано во лице“ со години пред да станеме полноправна членка, токму поради именувањето на нашата држава. Дури и кога станува збор за навидум техничко прашање, но кое имплицира на одземање одредено право, регулирано и со меѓународен договор (како Преспанскиот), Македонија има право да реагира со несогласување. Од друга страна, ваквите навидум банални постапки на НАТО, како менување на кодовите, може да се одразат како политички тенденциозна грешка на Алијансата, што би одела во прилог на антинато-расположението во Македонија – вели Оливер Андонов, универзитетски професор на Воената академија.