Благодарение на овие специјални седишта бројката на несреќи со смртни последици за децата драстично се намалува

Ниту се зборува доволно ниту се посветува внимание на безбедноста на децата во сообраќајот, меѓутоа кога станува збор за децата на возраст од две до седум години, уште помалку се посветува внимание на нивната безбедност кога тие се присутни во патничките моторни возила. Оваа група деца, според низа показатели во истражувањата, се најранливи во сообраќајот доколку не се соодветно сместени во специјални детски седишта во возилата

Сообраќајните правила се за да се почитуваат и да обезбедат безбедност и сигурност за сите учесници во сообраќајот

Според многубројни истражувања направени од експертите, најмали последици во сообраќајки имале децата што седеле во специјални детски седишта додека се возеле во автомобил. Ако во минатото, кога не постоеле вакви седишта за деца, бројот на несреќи со смртни последици за децата бил значително голем, благодарение на овие седишта бројката драстично се намалува.
На пример, најсвежото истражување направено во Соединетите Американски Држави покажува дека 675 деца до дванаесетгодишна возраст го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а близу 116 илјади биле повредени во 2017 година. Од децата што починале во сообраќајни незгоди во 2017 година, 35 проценти воопшто не биле седнати во специјално седиште наменето за деца. Со сѐ поголемото користење специјални детски седишта, бројката на починати деца во сообраќајки во САД се намалила за 43 проценти.
– Ниту едно дете не треба да загине во сообраќајна несреќа само затоа што не било соодветно сместено во возилото. Голем број трагедии што се случиле лесно можеле да бидат превенирани доколку децата биле седнати во специјално седиште во автомобилот – изјави Том Фрајден, поранешен директор на Центарот за контрола и превенција на болести.
Во последно време во светот сѐ поактуелна станува и специјалната подлога што треба да ја користат малку повозрасните деца од оние што користат специјално детско седиште во патничките моторни возила. Тоа засега наидува на извесен отпор, бидејќи родителите сметаат дека доколку детето е поголемо, нема потреба да биде сместено на специјална подлога, бидејќи веќе може да одржува рамнотежа. Истражувањата на оваа тема покажуваат дека родителите грешат. Една студија направена врз деца од осум до 12 години, од страна на државниот универзитет „Монтана“, објави две споредбени анализи токму за специјалната подлога што е наменета за поголеми деца.
– Независно дали станува збор за седиште, специјална подлога или за дете чија возраст дозволува врзување со појасот од автомобилот, сите три начини, според студијата што ја спроведовме, се многу ефикасни во спречувањето фатални последици по животот на децата при сообраќајки – истакна Марк Андерсон, еден од водачите на студиите.
Тој истакна дека е многу важно да се внимава кога детето ќе се премести од седиште на специјална подлога и од специјална подлога на седиштето во автомобилот, обезбедено само со заштитен појас, бидејќи специјалните подлоги се наменети за деца што повеќе не ги собира во класично седиште за во автомобил. Откако децата ќе ги надраснат седиштата, родителите не набавуваат специјални подлоги, а тоа е голема грешка.
– За да се промовира специјалната подлога помеѓу родителите и тие сериозно да ја сфатат потребата од неа, Агенцијата за безбедност на патиштата ги охрабри надлежните да воведат построги казни за тие родители чии деца нема да бидат сместени на вакви подлоги – истакна тој.

ДЕЦА НА ПРОЗОРЦИ И ВО СКУТ, САМО НЕ ТАМУ КАДЕ ШТО ТРЕБА

Како последица на зголеменото присуство на сообраќајната полиција на улиците во земјава, секојдневно читаме за бројот на казнети возачи што поради низа непочитувања на законските правила и норми добиле одредени казни, меѓутоа, досега во дневните билтени нема ниту една казна за возач што управувал возило со дете што според законот мора да биде седнато во специјално седиште.
За жал, доколку прошетате низ улиците, особено во Скопје, и обрнете внимание на оваа појава, ќе забележите дека бројот на возила во кои децата се возат во согласност со законските прописи е многу мал.
Наспроти тоа, ќе видите како деца седат на совозачкото седиште до родителот, исправени до ветробранското стакло или, пак, дури и зад воланот, во скутот на родителот, додека родителот, вообичаено таткото, се труди да го научи малото дете да вози. Уште пострашно е што тоа не е најлошата слика што може да се види низ улиците. Доколку нешто се прославува, тоа мора да биде со отворени прозорци и со седнати деца на самите автомобилски прозорци, додека возилото вози под доста голема брзина.
Голема е бројката и на родители што не сакаат ниту да набават специјални седишта за своите деца, па едноставно само ги позајмуваат доколку патуваат надвор од државата, и тоа за да избегнат парични казни во државите каде што патуваат, а тоа строго се санкционира.
Некои од родителите велат дека никогаш не ги возеле своите деца без детско седиште.
– Не набавив седиште дека ми е грижа за законот или за нешто друго, се грижам за безбедноста на моето дете, а таа ќе му биде подостапна доколку го возам соодветно седнато во специјално детско седиште и, секако, доколку јас како возач го почитувам ограничувањето на брзината. Меѓутоа, не секогаш сѐ зависи од нас, голем број несреќи се случуваат како последица на туѓо невнимание. Затоа од исклучителна важност е да ѝ се посвети внимание на оваа тема и да се вложат пари. Иако не се евтини, сепак, тие мора да се набават заради безбедноста на нашите најмили – вели Кристина Михајловска, мајка на две малолетни деца.

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во главата 3 точка 33, во членот 164, пропишува дека во патнички автомобил, на предното седиште, не смее да се превезува дете помало од 12 години.
Во патнички автомобил на задното седиште смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин. Во патнички автомобил на предното седиште смее да се превезува дете до две години ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото тоа е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување. Детето, од ставовите два и три и на овој член, треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето – вели законот.
Казната за непочитување на законот изнесува 35 евра во денарска противвредност.