Фото: МВР

Во МВР во моментов се работи на одобрување на 50.000 пасоши и на 33.000 лични карти и се очекува набрзо да се надмине проблемот со одобрување на личните документи, изјави дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој беше денеска во посета на Кривогаштани, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има проблем со обрасците за пасошите. Бојмацалиев е категоричен дека обрасци има, а проблемот бил во одобрувањата.

– Со обрасците за пасоши никогаш не сме имале проблем. Тоа беше лажна вест која се пласираше од една политичка партија. Обрасци за пасоши има, колегите работат. Имаше проблем во одобрувањето. Јас иницирав состанок на кој го решивме проблемот, така што колегите во моментов работат на одобрување на тие 50.000 пасоши и 33.000 лични карти, така денеска и утре, како и наредниот викенд се очекува дека и тој проблем ќе го надминеме – рече тој.

На прашањето до каде е истрагата за убиениот лекар и дали има нови осомничени или приведени, Бојмацалиев кусо рече дека истрагата продолжува и наскоро очекува завршница на овој случај.

– Истрагата продолжува, се собираат докази, се вршат испитувања во новата лабараторија во МВР што ја отворивме изминатата година и очекувам набрзо да имаме завршница на овој случај – изјави Бојмацалиев.