Фото: МИА

Апелациониот суд Скопје ја преиначи ослободителната пресуда за случајот „Тендери“ на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) во одбивателна, откако ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со наводи за застареност.

Во овој случај една од обвинетите беше поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.

– Уважена е жалбата на ОЈО ГОКК (со навод за застареност) и по жалба и по службена должност преиначена е ослободителната пресуда во одбивателна. Пресудата КОКЗ.бр.149/23 е донесена на 15.02.2024 година и е предадена на првостепениот суд – потврдија од Апелација за МИА.

Поради измените во Кривичниот законик, донесени по „скратена постапка“ во септември лани, претходно застареа дел од обвиненијата за „Таргет-Тврдина“, „Талир“, „Траекторија“ и „Моќник“, отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.