Делницата кон кружниот тек на Дулие е во завршна фаза, а на потегот кон реката Драгор се поставуваат ивичници, по што ќе следува асфалтирање и враќање во првобитна положба.
Ова денеска го соопштија од ЕСМ Топлификација Битола, од каде велат дека изградбата на овој крак од топловодот продолжува по улицата „Иван Милутиновиќ“ и ќе заврши пред „Црн мост“.
На топловодот, во првата фаза ќе бидат приклучени сите државни и општински институции од овој дел на градот: општината, судовите, полицијата и гимназијата „Јосип Броз Тито“.
– Паралелно продолжуваат градежните работи и на кракот кој ќе носи топлинска енергија по улицата „Партизанска“. Во моментов, градежните работи на овој крак се одвиваат во близина на ОУ „Коле Канински“. Во завршна фаза се и подготовките за преминување на топловодот под реката Драгор, кај железниот мост. Тоа е уште еден многу специфичен зафат на кој работат стручните лица од фирмата изведувач. Веруваме дека и овој потфат ќе биде изведен професионално, брзо и ефикасно, како што беа изведени преминувањата на топловодот под Црна река, под регионалниот пат кон Новаци и под железничката пруга – велат од ЕСМ Топлификација.
Инаку изградбата на топловодот во Битола е капитална инвестиција каква што немало во градот откако се изградија „Стрежево“ и „РЕК Битола “ кој ќе обезбеди поефтино греење најпрвин за институциите во локална и државна надлежност, а потоа и за граѓаните.