Обвинителството дало позитивно мислење за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да излезе од притвор од затворот во Шуто Оризари, бидејќи смета дека понудената гаранција е доволна за тој да не избега.

Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23 февруари, кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор.

– Обвинителството, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози, во вкупен износ од 10.871.170 евра е прифатлива за обезбедување присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата – велат од Обвинителството.

Мијалков издржува мерка притвор за случајот „Трезор“. Таа мерка, согласно претходното решение на судот, е до правосилност на пресудата, но сега судот треба да одлучи дали ќе ја прифати гаранцијата.

Во изминатиов период додека е во притвор, за Мијалков беа донесени две пресуди кои не се на сила. За предметот „Таргет- Тврдина“, кој се однесува на незаконскато масовно прислушување, доби 12-годишна затворска казна, додека за случајот „Трезор“, кој се однесува на нелегална набавка на софтвер за следење на комуникации, судот му одреди 8 години затвор.

Против него се водат постапки и за други случаи. Ако гаранцијата биде прифатена, тоа значи дека Мијалков ќе излезе од притвор и ќе биде на слобода до правосилност на одлуките.

Инаку, засега се уште нема детали од Обвинителството за предистрагата поврзана со бегството на Мијалков, што се случи пред изрекувањето на пресудата за „Таргет- Тврдина“. Тогаш тој исчезна на 48 часа, по што самиот се појави и тврдеше дека бил болен.