Повторената постапка со утврдување на сите релевантни факти за делото на обвинетите и нивната кривична одговорност ги отстрануваат сомнежите дека се работи за монтиран процес, кажа републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески за случајот „Монструм“ во разговор за „Дојче веле“.

– Заради жртвите и оштетените, извршителите мора да се изнесат пред лицето на правдата. И тоа да е сторено на законит начин и со цврсти и издржани докази. Најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка – категоричен е Јовевски за случајот со петкратното убиство кај Смилковско Езеро.

Тој се осврнa и на случајот „Јавна соба“ кој е актуелен деновиве.

– Од обелоденувањето на случајот минатата година, во ОЈО Скопје оформен е предмет по кој беа издадени насоки и наредби за прибирање на потребните податоци и релевантни докази. Кривичното дело засегнува многу оштетени лица и се јавуваат поголем број на потенцијални сторители. Јавноста треба да знае, дека нашето постапувањето против правни и физички лица во странство е сложен процес, бидејќи е неопходна меѓународна правна помош и меѓународна соработка. Според тоа, во вакви случаи преземањето на определени дејствија бара подолг временски период, но и подготвеност за соработка на странските правосудни органи – објаснува Јовевски, кој истакна и дека ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“.