Украдените возила често се „тргуваат“ со цел да се финансираат и извршуваат други криминални активности, почнувајќи од трговија со дрога, трговија со оружје, шверц на луѓе и меѓународен тероризам. Дополнително, недозволениот пазар на резервни делови е профитабилен извор на приход за криминалните организации и им нуди многу практични намени

КРАЖБИТЕ НА АВТОМОБИЛИ КАКО ПОЧЕТОК ЗА КРИМИНАЛНИ ДЕЛА, КАКО ШВЕРЦ НА ДРОГА, ОРУЖЈЕ, БЕЛИ РОБЈЕ И ТЕРОРИЗАМ

Меѓу многубројните криминални дела зад кои стојат големите криминални групи спаѓа и криминалот поврзан со кражби на возила. За неупатениот граѓанин, кражба на возило претставува само кражба на одредено возило, меѓутоа, за експертите тоа значи многу повеќе: почнувајќи од нанесена штета на личната сопственост, па согледувајќи ја „пошироката слика“ на криминалното дело, експертите многу често доаѓаат до индиции и докази за организиран синџир на различни криминални дела поврзани во каузалитет, што во суштина и интегрално анализирано им нанесува штета на бизнисите, економијата на државите, јавната безбедност на државите во сите региони на светот. Со возилата може да се „тргува“, но и да се шверцуваат делови од нив за да се заработуваат пари.

Украдените возила често се користат за извршување други и потешки криминални активности

– Организираната кражба на моторни возила, иако е непосредна загриженост за индивидуалниот сопственик, има и финансиска импликација за осигурителните компании, е штетна за угледот на производителите на автомобили и – во повеќето случаи – е поврзана со други операции на организиран криминал – информираат од Интерпол.
За организираните криминални групи, стекнувањето, испраќањето и трговијата со украдени возила е начин со низок ризик за остварување профит. Украдените возила често се тргуваат со цел да се финансираат и извршуваат други криминални активности, почнувајќи од трговија со дрога, трговија со оружје, шверц на луѓе и меѓународен тероризам. Дополнително, недозволениот пазар на резервни делови е профитабилен извор на приход за криминалните организации и им нуди многу практични намени. Не само што овој феномен има финансиско влијание врз индустријата туку ги става и возачите во опасност, бидејќи недозволените резервни делови веројатно ќе паднат под признаените безбедносни стандарди.
– Во последниве години, употребата на интернет придонесе за драматично зголемување на препродажбата на нелегални компоненти на возилата, што го прави ова прашање – голема грижа за органите на прогонот, производителите на автомобили, регулаторните тела и јавните здравствени организации во светот.

ГОДИНАВА РЕГИСТРИРАНИ 252 СЛУЧАИ НА УКРАДЕНИ ВОЗИЛА

Ваквиот криминал секако дека не ја одминува ниту земјава. Кражби на моторни возила се реализираат и тука, а за некои од нив дури се бара откуп од сопствениците, доколку станува збор за поимотни лица.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека само оваа година во нивната евиденција имаат регистрирано вкупно 252 случаи на украдени возила, од кои 79 случаи се расветлени. Најмногу возила се одземени во Скопје, дури 86 случаи, додека во метрополата исто така најголем е бројот на украдени возила, дури 12. Тринаесет случаи во Скопје се евидентирани како тешка кражба на возило. По Скопје, најмногу случаи на одземање моторно возило се регистрирани во СВР-Струмица, исто како и кражби на моторни возила, каде што се евидентирани седум случаи. Дури 24 случаи на кражби на возила се евидентирани во СВР-Тетово, 24 во СВР-Велес, 27 во Штип, десет во СВР-Битола, 14 во СВР-Охрид и седум во СВР-Куманово.
Од сите тие случаи, решени се 79.
– Од регистрираните случаи, ве известуваме дека вкупно се пронајдени над 32 отсто од украдените возила, кои се пронаоѓаат на одредени локации од страна на граѓани или од сопствениците, а исто така и како резултат на преземени мерки и активности од страна на полицијата – информираат од МВР.


Автомафијата исклучително добро организирана на Балканот

Пред неколку години беше реализирана голема акција на Интерпол, во која беа откриени повеќе од 30 возила. Тогаш акцијата се реализира во 11 држави. Меѓународната операција за борба против криминалот со автомобили и меѓународен шверц на возила, тогаш ги опфати Македонија, Романија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Унгарија, Црна Гора, Србија, Молдавија и Турција. Полицијата откри најмногу украдени возила од Италија, 13 од вкупно 32 возила. Пронајдени се уште четири автомобили прогласени за украдени во Романија, пет од Шпанија, четири од Италија, две од Унгарија и по едно возило од Велика Британија, Франција, Норвешка и од Австрија.
Тоа е уште еден доказ дека членовите на автомафијата дивеат на Балканот, а автомобилите масовно се крадат во БиХ, Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово и најмал број во Македонија… По барање на европските осигурителни компании, на просторот на Балканот се бараат над 130 илјади украдени возила.


Како да го заштитите вашето возило

Крадците на автомобили се многу организирани и можат да ви го украдат возилото за неколку секунди. Ќе одберат лесна цел, затоа е потребно сопствениците на автомобили да им ја отежнат работата.
Технолошкиот напредок значи дека криминалците сега можат да го пресретнат сигналот од клучот што се користи за отворање модерни возила и да го стартуваат. Тие можат да го направат тоа од вашиот дом, да го реплицираат сигналот и да го украдат возилото за неколку минути.
Токму затоа Интерпол препорачува да не се оставаат клучевите од возилото до влезната врата или прозорецот, како и да се чуваат клучевите од автомобилот во посебна кутија за да се спречи емитување на сигналот. Исто така, потребно е возилото да се паркира на безбедно место за криминалците да не посегнат по него.
Друг начин на кој криминалците го искористуваат клучот е при процесот на заклучување на возилото. Додека сопственикот го заклучува автомобилот, криминалците можат да го пресретнат и блокираат „сигналот за заклучување“ што го испраќа клучот до возилото, оставајќи го отклучено. Криминалецот потоа лесно може да ја украде содржината во возилото или самото возило. Потребно е да се внимавате на сомнителните луѓе околу вас додека го заклучувате автомобилот, како и да проверите дали вратите се заклучени пред да го напуштите автомобилот. Многу возила се украдени додека работи моторот, бидејќи во обидот да заштедат време, возачите ги оставаат возилата додека работи моторот и излегуваат од нив. Токму тие ситуации се искористуваат од криминалците.
Светските експерти велат дека сопствениците не треба да чуваат документи за регистрација во возилото бидејќи му отежнуваат на крадецот да го продаде на црниот пазар.

[email protected]